Американскиот конгресмен Елиот Енгел во посета на Македонија

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД, конгресменот Елиот Енгел в недела ќе престојува во работна посета на Македонија во рамки на неговата турнеја по земјите од регионот.

Како што најавија од собраниската прес-служба, конгресменот Енгел за време на престојот ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Енгел заедно со конгресменот Мајкл Мекал, кој е член на Комисијата за надворешна политика на Конгресот на САД, со која тој претседава, на 6 февруари годинава упатија писмо до администрацијата на претседателот Доналд Трамп со барање да го поддржи членството на Северна Македонија во НАТО. Во писмото адресирано до државниот секретар Мајк Помпео, двајцата конгресмени нагласуваат дека членството на нашата држава во НАТО ќе помогне да се обезбеди стабилност и мирот на Балканот.

„Со донесувањето на Северна Македонија во НАТО, значителна корист ќе има не само Северна Македонија и Грција туку и Соединетоте држави и другите членки на Алијансата. Важно е и дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе ѝ помогне на Алијансата да ги одбие руските злонамерни активности на Балканот, каде што Владимир Путин сака да предизвика нарушувања и раздор“,  напишаа двајцата конгресмени во писмото кое е упатено истиот ден кога 29-те земји члнеки на НАТО го потпишаа договорот за пристапување на нашата земја, со што се отвори патот да станеме 30-та земја членка на Алијансата.

Инаку, американскиот конгресмен вчера го посети градот Прешево, каде се сретна со претседателот на Општината Шчиприм Арифи, и во таа прилика за Гласот на Америка и Радио Слободна Европа изјави дека „не ја поддржува идејата за размена на територии” и дека „напорите треба да бидат насочени кон постигнување долгорочен мир помеѓу Косово и Србија”.

– Не мислам дека размената на територии е вистинскиот пат. Јас сум загрижен поради тоа, бидејќи ако почнете да ги менувате границите на Балканот, каде сето тоа ќе заврши? – изјавил Енгел.

Пред посетата на Прешево, Енгел во средата во Белград се сретна со српски пратеници и со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во разговорот со пратениците на Собранието во Србија истакнал дека сите несогласувања и непријателства на Западниот Балкан треба да се надминат и дека државите во регионот треба меѓусебно да соработуваат. За разговорите со Вучиќ, пак, кажал дека биле „добри и искрени”. Додал дека го почитува лидерството на српскиот претседател, иако не се согласува секогаш со него и повторно ги повикал двете страни да седнат и да разговараат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот