Американски воени ветерани тврдат: Забележавме НЛО, но непознати луѓе не натераа да ги избришеме снимките (ВИДЕО)

Фото: Принтскрин/To The Stars Academy

Неколку офицери на американската морнарица кои забележале неидентификуван летечки објект (НЛО) во 2004 година, во инцидент чија снимка сепак е објавена во 2017 година, тврдат дека „непознати лица“ набрзо по инцидентот побарале да им бидат предадени овие снимки, пишува магазинот „Popular Mechanics“.

Во ноември 2004 година, морнарскиот крузер кој пловел на 160 километри од брегот на јужна Калифорнија открил чудни радарски снимки кои потекнувале од објект на небото. Сигналите биле неправилни и изгледало дека не се совпаѓаат со сигналите кои ги емитуваат познатите авиони.

Морнарицата тогаш распоредила борбени авиони за одблизу да го испита чудниот обкект, а еден од нив успеал да го сними НЛО-то. И покрај противењето на владата, видеото е објавено за јавноста во 2017 година, заедно со уште две видео-снимки од НЛО кои се забележани подоцна.

Пет ветерани на морнарицата неодамна разговараа со „Popular Mechanics“ за тоа што го доживеале во тоа време. Тие биле во состав на Ударната група 11 на морнарицата и пловеле на УСС Принстон додека траела нивната обука пред да бидат испратени на мисија во Персиското Море.

Чудниот радарски сигнал доаѓал од објект кој брзо ја менувал висината, кој во еден момент бил забележан на висина од 24 километри, а друг на околу 9.000 метри. Ова НЛО е познато како „Тик так“.

– Таа ноќ објектот испушташе фосфорен сјај и брзо се движеше во различни правци – рече еден од ветераните, Гери Вурхис, кој го следел предметот со двоглед од бродот.

Вурхис се потсетил дека откако официјалните воени лица ги снимиле овие чудни сигнали, две лица се појавиле со хеликоптер, а 20 минути подоцна командантот му наредил да ги предаде снимките со податоците. Неговиот надреден исто така му рекол да ги избрише сите снмики кои останале на бродот.

– Дури ми рекоа да ги избришам и празните ленти – изјави Вурхис.

Слично на тоа, офицерот Патрик Пи Џеј Хјуз, кој бил воздухопловен техничар, тврди дека неговиот командир и две непознати лица го замолиле да им ги предаде тврдите дискови од авионите кои претходно имале „блиска средба“ со неидентификуваното летало.

Меѓутоа, Дејвид Фрејвор, еден од пилотите кои одблизу го видел леталото, раскажува друга приказна. Во разни минати интервјуа Грејвор велеше дека бројни видео-касети од НЛО-то исчезнале – не поради некакви „луѓе во црно“ – туку поради фактот што луѓето случајно преку тие снимки преснимиле нешто друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот