Американска „воспитна“ за македонските лидери

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Американската култура на однесување од секогаш ни била чудна нам на Балканците. Особено во делот на директно кажување во лице на она што го мислат, без разлика дали ви се пријатели, деловни партнери, соработници, соседи или роднини, за разлика на нашата дволичност која ние си ја правдаме со-„нема смисла“!
Истиот принцип го применуваат и во дипломатијата. Таман ќе си мислите дека ви се големи пријатели, дека ве подржуваат во политиките, дека ви се стратешки партнери, кога одеднаш ќе се соочите со таква шамарчина преку лице што ќе ве замолчи и со денови ќе ви се врти во глава. Така и неодамна, речиси истовремено, администрацијата на Бајден директно во фаца им ја влепи и на Мицковски и на Заев.
Првиот, американската амбасадорка во земјава го потсети на Декретот на Бајден за почитување на Преспанскиот договор, откако ВМРО ДПМНЕ, арогантно одбија дека за нив тој „не е завршена работа“ .
Втприот пак, извештајот на Стејт Департментот го спушти малку на земја по низата само- фалби дека тие направиле сè за справување со корупцијата.
Обата замолчија. Па по некое врем се свестија за да си „спуштат“ по една „дрште го крадецот“.
Сепак од ПР аспект кај СДСМ проработи системот на прифаќање на забелешките од пријателите и благовремено истрчаа со соопштение во кое се вели: „Владата на Северна Македонија со исклучително внимание ги разгледува сите наоди и аспекти од извештајот на Стејт департментот на САД, после што забелешките ќе бидат адресирани до засегнатите чинители со цел уште повеќе да ги зајакнеме антикорупциските политики и да ја подобриме инвестициската клима во земјава“.
Од ова нема бегање и Владата нема да има простор за декларативно забошотување на забелешките, освен сериозно да се зафати со корупцијата во своите редови, затоа што следниот извештај на Стејт Департментот нема да биде понежен, а да не говориме за прагматичните аспекти од делот на декретот на претседателот Џо Бјаден кој се однесува на корупцијата.
Тоа значи, не само да ги „адресираат“ забелешките до „засегнатите чинители“ (?), туку да си ги протрерсат, барем политички, своите редови и да направат, барем, т.н. политичка диференцијација (со или без наводници), по американски модел, без „нема смисла“, пријатели сме.
За разлика од Социјал-демократите, кои ја научија лекцијата за кооперативност и амортизирање на ударите, ВМРО-ДПМНЕ останува партија затворена во комуникацијата со меѓународниот фактор и тоа го прави селективно, бирајќи од кого прифаќа „пријателски совети“. Тие не прокоментираа ништо за „брифингот“ кај Брнз, туку се обидоа да ја дефокусираат јавноста со објавување само на делот во кој тие ја информирале неа „за актуелните случувања и предизвици важни за државата“.
Но затоа пак твитер постот на американската амбасадорка за средбата со Мицковски беше полн со критики, потсмев и недолични коментари кон неа (и кон САД), претежно од оние кои држат до ставовите на ВМРО-ДПМНЕ спротивни на пораките на САД и нивното влијание во полтиките во земјава и на Балканот, се разбира освен ако тие не се адресирани кон политичкиот противник.

Инаку на средбата во американската амбасада беше лидерот Мицковски заедно со меѓународниот секретар на партијата Тимчо Муцунски. Веројатно овој состав на партиската делегација не е случаен, ако се има предвид дека и двајцата експлицитно ги негираат американските позиции за договорот од Преспа. Токму Муцунски, декретот на претседателот Џо Бајден го игнорираше со изјавата: „За ВМРО-ДПМНЕ приоритет се интесите на граѓаните и волјата на граѓаните изразена на референдумот кој беше организиран пред официјализирањето на Преспанскиот договор“.
Додека пак Христијан Мицкоивски беше уште поконкретен и изјави: „Сè додека сум јас ВМРО, Договорот од Преспа не може да биде завршена работа и сè додека постои ВМРО не може да биде завршена работа“.
Ваквата позиција на водството на ВМРО-ДПМНЕ секако ја ослабнува на меѓународен план, но тие таа загуба ја калкулираат со наводни добивки на домашниот патриотизам, за кој не се свесни дека се намалува од избори до избори и дека долгорочно и нив како партија, но и државата би ја однело во меѓународен изолационизам, во кој веќе еднаш се најде во времето на Никола Груевски, а кој можеби и ова раководство го посакува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот