17.8 C
Скопје

Американец за Слободен печат тврди дека влегол во податоци за пациенти од Систина, болницата демантира

Американецот Сем Кенеди за Слободен печат тврди дека пристапил до лични и медицински податоци на пациенти од приватната болница Аџибадем Систина од Скопје, прилично лесно и без никакви специјални алатки. Меѓу нив, како што тврди Кенеди, бил дури и ковид резултатот од ИТ менаџерот задолжен за заштита на податоците на интернет базата во болницата.

Сем Кенеди / Фото: Приватна архива

Кенеди кој инаку развива софтвер и технологиски стартапи и има своја компанија во Струга, тврди дека е многу загрижен за заштитата на личните податоци.

Од Систина демантираат дека вакво нешто е можно и уверуваат дека податоците на нивните пациенти се безбедни.

,,Развојот на информатичко комуникациската технологија придонесе за појава на облици на сајбер криминал кој претставува глобален предизвик на современото општество и факт е дека токму големи и сериозни институции, приватни или државни често знаат да бидат цел на ваков тип на искористување. Во конкретниот случај, одговорно тврдиме дека Клиничката болница Аџибадем Систина користи најсофистициран и најбезбеден технолошки систем за регулирање на сообраќајот на податоците на сите пациенти. Попрецизно, во делот на проверка на лабораториски резултати, Аџибадем Систина го користи лабораторискиот информационен систем Tenay а неговата безбедност е контролирана и поддржана директно од Аџибадем од Турција. Личните податоци и информации за сите пациенти, нивните медицински досиеја во Аџибадем Систина се целосно заштитени и безбедни и пристап до истите не може да има никој освен одговорните и назначени лица. Ваквите неосновани тврдења се неточни, а ширењето на лажни информации и податоци кои се тенденциозни, а можат да влијаат на било каков начин на репутацијата или работењето на болницата се кривично дело за кое се сноси сериозна одговорност”, посочуваат од Систина на прашањето од Слободен печат за повеќе информации околу случајот.

Кенеди пак, тврди дека системот немал протекција.

– Вџашен сум што системот нема протекција. Не ги симнав сите досиеја поради легални причини, но јасно демонстрирав дека може да се симнат. Стапив во контакт со директорот на ИТ кој на Линкд Ин е референциран како задолжен за заштита на податоците. Тој ми го призна проблемот во нашата комуникација. Го симнав и неговиот ковид тест од интернет системот, за што ми даде и дозвола за да го демонстрирам проблемот. Загрижен сум за општата македонска јавност. Запоставувањето овде е вџашувачко. Сервисот не користи ниту ССЛ. Не сум сигурен колку имате технологиски познавања, меѓутоа само овој проблем е многу неодговорен, изјави Кенеди за Слободен печат.

Тој додаде дека дури и преку видео му демонстрирал на менаџерот на ИТ на Систина дека може да пристапи до неговиот ковид резултат од тест направен во болницата.

– Меѓутоа проблемот уште не е решен и нема временска рамка во која што планираат да го решат. Може да се пристапи до резултати од ковид тестови и други тестови од лабораторија, вели нашиот соговорник. Запрашан што го натерало да го проверува овој систем на дата бази на лични и медицински податоци, тој одговори дека и самиот направил ПЦР тест во Систина зашто морал да лета од Скопје за Њујорк и му бил потребен.

– Првиот индикатор беше дека системот не користи ССЛ. ССЛ е најосновниот предуслов за онлајн безбедност и неговото користење е речиси универзално. Тоа е она нешто што овозможува да се појави катанец во адрес барот на пребарувачот. Ова самото по себе е шокирачко и не би требало да се дозволи. Ми кажаа дека за овој проблем знаеле четири месеци. Ова пак ме натера да разгледам малку подлабоко и без никакви специјализирани алатки, забележав маана во внатрешното оперирање на сајтот која што би му дозволила на било кого да симне документи без дозвола, или да го симне секој документ во системот автоматски. Би можел сите документи да ги симнам на мојот компјутер за временски период од минути. Можно е некој дури и да го направил тоа досега и тие не би можеле да знаат. Кога му го споменав ова на Ит менаџерот на болницата, тој ми кажа дека не би можеле да се симнат сите податоци зашто имаат мониторинг. Но, истакнав дека не ме фатија мене кога ден претходно го симнав неговото досие и така заклучи дека не можат баш и да го следат ова. Би можел да обезбедам повеќе докази односно повеќе медицински досиеја за да го докажам проблемот, но во случајов ми го признаа проблемот и не би сакал да имам законски проблеми за хакирање. Техничката ситуација е јасна и може да биде независно проверена од страна на било кој експерт. Дури и можам да ви демонстрирам со видео како лесно се симнуваат овие фајлови, ни рече Кенеди.

Тој посочи дека дури и ангажирал адвокат за да го разгледа ова од аспект на македонските закони за заштита на личните податоци. Во нашата редакција приложи и докази дека навистина до базата пристапил, меѓутоа поради тоа што тие содржат лични медицински податоци како и здравствени состојби, нема да ги објавиме.

Поврзани вести

Состојбата му е сериозна: Четиринаесетгодишно момче од Загреб испило литар вотка и завршило во болница

Катерина Стевовска

ВИДЕО | Заев: Ја враќаме довербата меѓу македонскиот и бугарскиот народ

Слободен печат

СЗО: Делта сојот полека станува доминантен во светот

Слободен печат

ВИДЕО | Ѓорчев: Бугарија има проблем со реалноста за постоењето на македонската нација и македонскиот јазик

Слободен печат

Санкционирани 83 возачи на автопатот Скопје – Велес поради брзо возење

Слободен печат

ВИДЕО | Трагедија во Перу: Во автобуска несреќа загинаа 17 патници

Слободен печат

Остави Коментар