Амбиентална кула ќе го прочистува воздухот во Ѓорче Петров

Кулата прочистувач, која за првпат се поставува не само во државата, туку и во регионот, ќе биде поставена на период од три години, при што општината ќе има увид дали таа е ефикасна за прочистување на воздухот.

Општина Ѓорче Петров наскоро ќе ја добие првата амбиентална аерокула, која е идеја на иноваторот Петре Ристески и ќе има цел да го прочистува воздухот во радиус од 100 метри на локацијата каде што ќе биде поставена. Во моментов се договара најсоодветната локација, во чија околина има најмногу сообраќај и поради тоа, воздухот е најзагаден.

– Општина Ѓорче Петров потпиша меморандум за соработка со „Дарис инженеринг“ ДООЕЛ Скопје, со кој го формира Центарот за иновации, кој се наоѓа во Домот на културата. Врз основа на тој меморандум, пристапивме кон реализација на проект за поставување амбиентален прочистувач на воздух – аеромат со фотонапонски панели во централното подрачје на Ѓорче Петров, кај корзото. Овој прочистувач на воздухот е изум на „Дарис инженеринг“ и го работи со добиени средства од Фондот за иновации и технолошки развој – вели раководителот на Секторот за економски одржлив развој на Општина Ѓорче Петров, Саша Максимовски.

Тој објаснува дека Општината предложила три локации и дека сега се во фаза на конечно утврдување на локацијата за поставување на амбиенталната аерокула.

– Прочистувачот ќе биде во основа со големина 2,6 на 2,6 метри и висина 6,76 метри. Ќе има максимален капацитет на прочистување на воздухот од 100.000 метри кубни на час, меѓутоа тој ќе работи до 40.000 метри кубни на час. Станува збор за самоодржувачки прочистувач, затоа што се напојува од електрична енергија од сонцето и воедно чистењето на прочистувачот ќе биде на одреден временски период – вели Максимовски и додава дека филтрите на прочистувачот не се менуваат, туку само се чистат, како кај правосмукалките.

Кулата прочистувач, која за првпат се поставува не само во државата, туку и во регионот, ќе биде поставена на период од три години, при што Општината ќе има увид дали таа е ефикасна за прочистување на воздухот. По тој период, доколку се покаже корисна за прочистување на воздухот, Општината ќе реши дали ќе ја откупи или ќе ја демонтира.

Во 2017 година слична кула за прочистување на воздухот беше најавена и од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, чија изградба беше планирана во текот на 2019 година, но до денеска најавениот проект не се реализираше.

– Општина Центар чека да биде донесен ДУП за таа локација, па да почне со процедура за кулата – изјави портпаролот на Општина Центар Емил Димитриевски за „Слободен печат“, додавајќи дека кулата треба да биде сместена на Кале.

Амбиентални кули се поставувани во повеќе светски градови каде што има големо загадување. Пред две години во Пекинг во Кина беше поставена најголемата амбиентална кула во светот, висока повеќе од 100 метри. Кулата трошела малку енергија за работа, а според испитувањата на квалитетот на воздухот во околината на кулата-прочистувач, тој бил почист за 55 отсто од вообичаено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот