Амбициозен проект во Суринам: Претседателот ќе им го подели на граѓаните целото нафтено богатство
Секој жител ќе добие по околу 750 долари од акциите од државните резерви на гас и нафта
Претседателот на Суринам ќе го подели нафтеното богатство на сите граѓани подеднакво. Така, барем, вети претседателот Чандрикаперсад Сантоки на 49-годишната прослава на независноста на поранешната холандска колонија во Јужна Америка.
Сантоки објасни дека, како еден од најголемите проекти во државата, секој жител ќе добие по околу 750 долари од акциите од државните резерви на гас и нафта.
Проценетиот пораст на вредноста на акциите од 7 отсто годишно за претседателот претставува сигурност за идните генерации. Владиниот проект ќе почне во 2028 година.
– Вложуваме во иднината – гордо изјави претседателот.
Во Уставот на Суринам природните богатства на државата се дефинирани како заедничка сопственост на сите граѓани.
Суринам постигна договор во вредност од 10,5 милијарди долари со француската нафтена компанија „Тотал енерџис“ за експлоатација на нафта од северниот дел на земјата. Капацитетот за црпење нафта се проценува на околу 220.000 барели на ден, или околу 35 милиони литри.
Црпењето и извозот на нафтените деривати е главна „пумпа“ за пари во државниот буџет и, според предвидувањата на економски експерти, овој проект би му донел на Суринам 10 до 20 милијарди долари во идните десет години.
Наспроти огромното богатство од нафта, секој петти жител на Суринам живее во сиромаштија, според извештаите на Светска банка.
Сантоки изјави дека е свесен за „нафтената клетва“ што ги следи државите со големи резерви на нафта, како Ангола, Венецуела или Алжир, кои не успеаја да ги претворат нафтените ресурси во економски профит. Тој додаде дека го следи примерот на Норвешка, единствената држава што не ги потрошила средствата добиени од производство и продажба на нафтените богатства.