Амбасадорите на ЕУ почнуваат со преговори за гасот

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска се состануваат за да го подготват утрешниот министерски состанок за енергија на кој ќе се дебатира за контроверзниот предлог на Европската Комисија за штедење на гас, јави дописничката на МИА од Брисел.

Со министерскиот совет за енергија и транспорт претседава чешкото претседателство, кое ќе треба да изгради компромис врз база на предлогот на Европската Комисија презентира минатата недела во Брисел.

Предлогот на Европската Комисија предвидува до идната пролет земјите членки на ЕУ да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто и да воведат механизми на солидарност меѓу себе за да се забрза осамостојувањето од рускиот гас. Властите во ЕУ предупредуваат дека земјите членки треба да бидат подготвени Москва целосно да ја укине или да ја намали доставата на гас кон Европа како одговор на санкциите на ЕУ поради војната во Украина.

Најмалку шест земји членки на ЕУ веќе најавија дека ќе се против предлогот на Европската Комисија, некои планираат целосно да го отфрлат. Највеќе се противат земјите од југот на Европа, како и Унгарија и Полска.

Она што највеќе им пречи на земјите членки во првичниот предлог на Европската Комисија е можноста за оваа институција да наметне на сила штедење доколку не успее планот доброволно. Според дипломатите во Брисел на маса е изменет компромис со поблаг речник и можност за земјите да бидат изземени од оваа нова регулатива, доколку биде усвоена. Последната верзија исто така ја отежнува можноста за Европската Комисија да наметне штедење на гас преку измени во бројот на гласови.

После денешниот амбасадорски состанок се очекува да стане појасно во која насока се движат преговорите и дали има компромис на повидок.

Министрите за енергија и транспорт на ЕУ ќе се состанат утре во Брисел на оваа тема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот