Аматери хулигани, ни зградата не ја запалиле!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во периодот кога „човечкиот капитал“ е во центарот на политичката преокупација на власта, некаква фудбалска навивачка група од Чаир прославувала некаков јубилеј, при што, во навивачкиот занес на кој потклекнале, нанела штета врз скапиот ентериерен кичерај на МНТ.

Побизарна вест одамна не сме чуле.

Која будала смислила (а потоа некој тоа им го дозволил!) дека каква било прослава на фудбалски навивачи – во Македонија, тој „човечки капитал“ од спортскиот полусвет, во принцип, е составен од неколку дузини насилници и празноглави провокатори кои главно се користат како „мускули“ за фудбалски, партиски или пара-полициски операции од најдолен вид – треба да се одвива в театар?! Па, ако веќе одбележуваат навивачки фудбалски јубилеи, не ли им е најпригодно да направат некаков турнир или натпревар во фудбал каде, на отворено и на свеж воздух, малку ќе навиваат, малку ќе навредуваат по разни компетитивни основи, ќе се поднапијат, а на крај и уредно ќе се степаат, може и меѓу себе, како што тоа обично го прават во ресорот на своето хулиганско организирање?!

„Одговорност! Одговорност! Заев е виновен!“, извикува на бината, во вториот чин од оваа старогрчка трагедија, античкиот хор под ужаснати маски од македонски етно-националисти, облечени во сукњичките на Александар Велики, бидејќи навивачиве вандали да ти биле Албанци кои повеќе духовно, од материјално, симболично им го осквернавиле „кинескиот ресторан со театарска бина“ излепен со гипсени позлати и црвен плиш, што ни остана во наследство како национална театарска институција по нивното антиквизаторско владеење.

Ах, каде заминаа оние златни политички години на меѓуетнички тепачки на скопското Кале, пресметките во Бутел и Топаана кај крстот и орелот, а и крвавите конфликти по скопските автобуси! Каде се оние прекрасни подмолни соопштенија на Светскиот македонски конгрес, каде се заносните скандирања „УЧК! УЧК!“, па и по некое државно знаме да се запали…

Ништо. Сега мораат по театри да се гнетат, напикани како шејтани во џамија и ѓаволи во црква, да висат од балконите на ложите, небаре запишале постдипломски студии за изучување театарско фенг-шуи. Ебате тај-чи-навивачите, не се обиделе ни објектот да го запалат…

Јас би им ја одземал лиценцата за навивање. Па, што ако се на ДУИ и на Артан Груби – законот на џунглата мора да важи за сите подеднакво! Нема насилство, нема мир!

Ваквата негативна појава и бурните реакции на неа е малку и резултат на премногу академската атмосфера во земјава, каде мнозинството анемични политички расправии се за даночни стапки, за правни реформи, за буџетот на државата… Како, ви се молам, ќе се оди на избори со овие теми?! Еве, ќе се усвои и буџет за купување изборни гласови, ама нема, белки, да гласаме за споредбени статистички показатели и евро-атлантски интегративни процеси! Боже пази!

Дајте, додека е време, да си фатиме ние некоја меѓунационална тема за гуслање – па, може и некоја навивачка контра-прослава да се смисли, малку да се направи штета и на спротивставениот табор. И после да си гласаме врз таа основа, како што тоа успешно го правевме дваесетина години наназад…

 

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот