Амандманска расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет

Денари
Денари / Фото: МИА

Комисијата за финансирање и буџет денеска ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година, во рамките на 38. седница. Комисијата прифати еден амандман на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во изменета форма, со кој ќе се обезбедат пет милиони денари за изградба на кружен тек во населено место Мислешево, Охридско.

Ова е втор прифатен амандман на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, која има поднесено над 170 амандмани. Првиот се однесуваше за одвојување на 2,5 милиони денари за расчистување на индустриската зона во Нерези. Досега се одбиени над 40 амандмани на опозицијата.

Вкупно се поднесени 204 амандмани. Од нив, 170 се на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 се на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.

Согласно Деловникот за работа, расправата треба да трае 10 дена.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

Амандманската расправа треба да продолжи по еден час пауза, односно во 15 часот.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот