Аман, баксуз, не нѐ брани!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како што повели да нѐ информира министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, Груевски од Будимпешта „силно се залагал“ за иднината на Македонија во ЕУ. Од друга страна, како што е познато, токму ЕУ силно инсистира таа иднина на нашата држава во Унијата да се случи само кога и ако се потврди иднината на СЈО во овдешните правосудни реформи. Се работи за истото тоа СЈО заради чии обвинувања (плус една правосилна судска пресуда, до сега) Груевски пребега во Унгарија, со логистичка помош на гепекот на унгарските конзуларни служби на чие чело стои г. Сијарто.

Министерот за надворешни работи на Орбан до пладне е примерен Европеец кој работи за подигнување на кохезијата и угледот на Унијата, а попладне е дипломатски шегобиец и шверцер на политички мигранти во гепеци, кој упорно работи за унижување на она што самопрегорно го прави до пладне.

Според тоа, логично е прашањето: си помага ли г. Сијарто со сериозна терапија заради изразените симптоми на политичка и дипломатска шизофренија; или мисли дека таа патологија поминува со редовно земање бомбончиња тик-так, со вечерни облози од млака вода и со утринско пиење чај од мајчина душичка? … А да се обиде со зголемување на дозата на тик-так? Или со намалување на дозата на разговори со Груевски?

Сакам да кажам, така ви е тоа во дипломатијата, морате да се смешкате како недоветен, дури и кога странски министри, наводно со пријателска наклонетост, ви кажуваат најбудалести прикаски за светот и векот.

А откако го поминав минатиот викенд во прекрасната, хаотична Тирана, во разговори со секакви соговорници за тамошната длабока политичка криза, слободен сум да информирам дека таму никој не очекува кризата да се надмине до октомври годинава, за да можеме да сметаме на непречен албанско-македонски кандидатски дует за добивање преговарачки датум со ЕУ. Германците, со цел да се обидат да го надминат големиот јаз што ги дели елементарните погледи на реалноста помеѓу опозицијата и власта, допрва почнуваат нешто таму да плеткаат зад сцената; за да поминат на договарањето на нивното „Пржино“ (1 и 2), на албанските актери на оваа криза ќе им треба барем уште 5-6 месеци меѓусебно покажување мускули и средни прсти, а и по некој искршен излог.

Тоа значи дека нам не ни преостанува ништо друго, освен да почнеме да разговараме отворено со Берлин и со Париз дека бриселската „музичка аудиција“ до октомври ќе мора да се смени од дует, во соло настап. Можеби логиката би требало да биде токму спротивна – овозможувањето на почетокот на преговорите и со Албанија би бил најдобар стимул за средување на состојбите и кај нашиот западен сосед – но ЕУ љубоморно го чува давањето на тој пуст датум, како да се работи за поминување преку некаков европски Рубикон по кој нема враќање назад!

А и тој Рубикон, патем, во реалноста бил еден малку понадојден поток, едно плитко рекиче јужно од Равена, со подигнати ногавици да го заминеш, но коешто Римјаните митолошки го издигнаа до симболиката дека небаре се работи за Дунав, па откако Цезар ќе го прегази, патот го носи само напред, кон успех и вечна слава… Лажги со опашки!

Елем, почнувам да станувам скептичен за ветувањата на Меркел во врска со нашиот европски октомври. Штом и оној баксуз во Будимпешта фатил да ни помага за добивање датум за преговори, работата не може да е на арно. Оти, да не беше тој, можеби Македонија во октомври ќе претседаваше со Унијата кога ќе се носеше одлука за отпочнување преговори со Албанија. Вака, заглавени сме во апсурдот на ова политичко минато-идно време во кое и еден Груевски помага да влеземе во ЕУ со правосудни реформи кои за него значат Рубикон длабок како Дунав.

А и ние да се обидеме со поголема доза тик-так или со чај од мајчина душа? Колку да нѐ смири, не мора да нѐ излечи…

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот