Алушовски пред Ф4: Имаме нови играчи кои допрва треба да се вклопат!

фото: РК Вардар 1961/Денис Дуковски

Тренерот на Вардар е свесен дека Нексе беше голема опомена, а се надева дека Задар ќе биде успешна увертира за ЛШ.

Пред заминувањето на Вардар 1961 за Задар (Хрватска) на Фајнал-фор турнирот во СЕХА Газпром лигата своите очекувања ги сподели тренерот на актуелниот европски и регионален шампион, Стевче Алушовски.

По одржувањето на утринскиот тренинг, екипата се упати за Загреб каде ќе преноќи и утре ќе пристигне во Задар.

Како потсетување во полуфиналето „црвено-црните“ в петок (20.30 часот) ќе ги одмерат силите против ППД Загреб, а претходно од 18.00 часот унгарскиот Веспрем на Дејан Манасков се соочува со Мешков Брест од Белорусија.

СЕХА: Вардар и со пораз се пласираше на Ф4 турнирот

После поразот од Нексе кој што за нас беше како победа и Господ нè погледна и сакаше да бидеме учесници на овој Фајнал-фор по деветти пат. Направивме добра анализа на сè што одработивме заклучно со Нексе.

Мислам дека натпреварот со Нексе е една голема опомена за сите нас, за тоа дека Вардар е секогаш Вардар, но играчкиот кадар и сè она што моментно е ново во Вардар не ни дава за право против никој повеќе предвреме да бидеме прогласени за фаворити.

Имаме девет нови играчи кои допрва треба да се вклопат во системот на игра и во она што беше препознатливо за Вардар изминативе години. Нè очекува Ф4 турнир во Задар против екипата на ППД Загреб која што исто не се прослави многу во натпреварите кои ги играше во подготвителниот период.

Едно балканско дерби кое години наназад се игра и одлучува една топка, две, без разлика какви се составите на екипите, свесни сме за тоа. Ги анализиравме добро, се подготвивме добро, прво за Загреб, а потоа ќе видиме. Доколку е тоа финале, ќе се подготвуваме за противникот кој што ќе ни дојде во завршната средба.

Она што треба исто да го нагласиме е дека Вардар од ден во ден според мене оди во нагорна линија и според сето она што го гледам на тренинзите и очекувам дека овој Фајнал-фор доколку ништо повеќе ќе биде една успешна увертира за она што ни претстои на 16 септември, првиот меч од Лигата на шампионите против Мешков Брест кој е исто учесник во Задар – вели стратегот на „црвено-црните“, Алушовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот