Екипата на Вардар остана без победата во дуелот со Елверум играјќи 34:34 во рамки на Лигата на шампионите, а победата им ја „откина“ Петерсен кој во последната секунда го совлада Кизиќ.
Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски вели дека победата им избега поради грешките на неговите ракометари, односно од многуте промашувања од чисти позиции.
– По секој натпревар некако доаѓаме на истото, дека промашуваме зицери во клучни моменти. Знаевме дека Елверум игра ракомет со многу трчање, со брза транзиција затоа се обидовме да ги запреме во првото полувреме, но примивме 21 гол, што е премногу за ЛШ. Во второто полувреме, благодарение на нашиот голман Кизиќ успеавме да направиме разлика од четири гола, но направивме неколку глупави исклучувања, немавме решение за нивната 5-1 ордбана. Честитки за Елверум на освоениот бод, се надевам дека во среда ќе одиграме подборо – изјави Алушовски на прес конференцијата по натпреварот.
Вардар во среда (18.45 ч.)ќе има нова шанса за триумф над Елверум бидејќи и вториот меѓусебен дуел ќе се игра во салата Јане Сандански.