Алушовски: Полошо се чувствуваме кога сме пред празни трибини!

фото: vardarfans.mk/

Вардар ќе се обиде да ја одбрани предност од Нашице и се пласира на нов Фајнал фор турнир во регионалното натпреварување.

По неколкумесечна пауза СЕХА Газпром лигата продолжува со многу важен натпревар, дуел со кој се одлучува кој ќе биде последниот учесник на завршниот турнир кој ќе се одржи во Задар, Хрватска.

Вардар 1961 го пречекува хрватскиот клуб Нексе на денешниот реванш четвртфинален натпревар од 20.15 часот во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје. Поради пандемијата на коронавирус мечот ќе се игра без публика. Во првите 60 минути одиграни во Нашице во март македонскиот, европски и регионален шампион триумфираше со 30:31.

Играчите на тренерот Стевче Алушовски имаат минимална предност, а истата ќе се обидат да ја одбранат за ново учество на Ф4 турнирите во ова регионално натпреварување. Победник на овој натпревар во полуфиналето во Задар ќе го има составот на ППД Загреб како противник.

Единствено капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов ќе го пропушти мечот поради вирусот Ковид-19 и тој веќе ги брои деновите во домашна изолација пред повторно да се врати на тренинзите.

Стевче Алушовски – тренер на Вардар 1961

Ова ќе биде многу поразличен натпревар. Од тој состав што играше во март во Нашице, сега ни недостасуваат неколку важни играчи, а имаме осум нови играчи. Капитенот Стоилов нема да игра поради вирус. Ја подигнавме формата во однос на она од Струга и на пријателските дуели со Еурофарм Пелистер и Металург. Имаме предност од еден гол и тој би требало да ни биде доволен за да се пласираме на Ф4. Спортот се игра за публиката и поразлично е сега. Полошо се чувствуваме кога сме пред празни трибини. Она што го видовме, Нексе е истата екипа од лани. Имаат тројца нови играчи, но костурот е ист, и системот на игра е ист.

Борко Ристовски – голман на Вардар 1961

Пoсле една долга пауза нè чека меч што ќе биде нeзгоден. Нема да биде можеби убав натпревар за гледање, таму победивме со еден гол, но тоа ништо не гарантира. Ние сме екипа во создавање, тие се долго време заедно. Нè чека тежок меч за играње. Треба да бидеме претпазливи, нема да биде лесно. Ова е прв меч и сè ќе биде поразлично. Доколку сакаме да ја почнеме сезоната како што сакаме треба да бидеме целосно сконцентрирани на противникот. Тие играат „7 на 6“, ќе имам доста работа за одбраната и голманите. Ќе треба многу работи да завршиме, но сè зависи од нас. Одбраната досега беше подобар и постабилниот дел од екипата, треба да се подобри уште, но сме квалитетни и стабилизирани. Не смее да се промашуваат чистите позиции што досега ги имавме. Играчите кои сега ги има Вардар знаат како да ја наместат формата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот