Алушовски: Имаме големи проблеми со одржување на формата
Ракометарите на Вардар кои сè уште ја носат титулата на европски шампион, се соочуваат со големи проблеми во новата сезона поради одложените натпревари во новата сезона во Лигата на шампионите.
Вардарци поради коронавирус кај противниците не ги одигра натпреварите од второто и третото коло од ЛШ против Елверум и Пик Сегед.
Во новата сезона, вардарци одиграа само три официјални натпревари, двете средби од фајналфор турнирот во СЕХА лигата во Задар, како и натпреварот од првото коло во ЛШ кога загубија на гостувањето кај Брест Мешков.
– Последен натпревар што го игравме беше на 16 септември, сега е 2 октомври. Два мини циклуси што ги планиравме ги прекинавме кога формата на екипата требаше најмногу да биде подигната на едно ниво. Доколку кажеме дека се спремаме за дуел во среда и така тренираме, во недела или понеделеник добиваме информација дека мечот е одложен. Играчите немаат мотив, бидејќи сме се подготвувале за еден противник, сме излегле од сите процеси на учење и усовршување и сме подготвувале една тактика. Овие две седмици ни се промашени во делот на надградување на играта и формата. Сега следниот натпревар ни е на 15 октомври против Флензбург. Баравме да играме со Еурофарм Пелистер, но рекоа дека неможат бидејќи имале повредени играчи – вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски за официјалниот сајт на клубот.
Сепак се прават напори да се одиграат некои контролни натпревари, бидејќи само така може да се види дали формата е во нагорна линија, да се отстранат недостатоците и пропустите. Алушовски се надева дека Металург ќе им излезе во пресрет и ќе одиграат неколку контролни натпревари.
– Ако не играме натпревар од СЕХА лигата, се надевам дека Металург ќе ни излезе во пресрет и ќе можеме барме да одиграме некој меч. Се гледа дека формата оди во надолна линија. Флензбург играше неколку силни натпревари, екстра дуели, со силни ривалири, со висок ритам, и ние тренираме со замислен противник, и потоа не играме. Мислам дека сме многу хендикепирани. Држиме позитивна атмосфера, се трудиме да го искористиме на најдобар начин, со тренирање со висок интензитет – вели Алушовски.