Алтер Сцена – Оригинално ново шоу со настапи на звучни и млади музичари

Алтер Сцена е нов аудиовизуелен продукт што низ 12 концертни епизоди во кои главна улога имаат музичарите, има за цел да ја промовира и афирмира домашната музичка сцена.

Секоја епизода се состои од 30 – минутен полу-акустичен настап на два различни бенда или соло музичари, чиј музички стил и авторски дела сепак се сретнуваат во некои заеднички точки. Концептот на шоуто е свеж и оригинален – нема водители, нема поздрави до спонзорите, едноставно поканети се звучни музички имиња и млади перспективни музичари на заеднички настап пред мала, интимна публика и пред камерите.

Изминатиот викенд, премиерно беше емитувана првата епизода од Алтер Сцена, каде на иста сцена, заеднички настапија „Pluto’s Doubts“ и авангардните „PMG Kolektiv“. Двата бенда изведоа по три свои авторски нумери, а во паузите лежерно разговараа за својата музика, искуствата и инспирацијата.

– Глобалната музичка хиперпродукција го засенува домашниот звук. И тоа не е поради квалитетот со кој се издвојува, туку поради нашите напуштени навики да следиме што има ново кај нас во музиката. Оттаму и нашата идеја да продуцираме музичка емисија со поинаков концепт од се досега, со сериозен потенцијал да прерасне во културна платформа. Токму тоа е нашата цел: да поттикнеме поголема медиумска поддршка за промоција на културата, да иницираме колаборации помеѓу артистите, да ги охрабриме младите перспективни музичари, но и да стимулираме интелектуална љубопитност за културните вредности помеѓу публиката, како и општа свест за културната реалност во земјава. Алтер Сцена е нов медиумски простор резервиран за музичките таленти и за нивниот избор да ја изведуваат музиката онака автентично како што ја доживуваат – вели Марина Макенаџиевa, една од основачите на Алтер, под чија капа се реализира проектот Алтер Сцена.

Алтер Сцена ќе се емитува секоја недела во 17:30 часот на ТВ21, како и на каналите на социјалните медиуми истовремено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот