Ало, Заев?
Телефонските разговори на премиерот Заев со лажните Порошенко и Столтенберг, кренаа голема прашина во јавноста.
Ваквите разговори веднаш го вклучија црвениот аларм во Владата, бидејќи доаѓаат токму во време кога Македонија е на прагот на НАТО и Европската Унија. Очигледна е намерата на некои структури, како што рече и самиот Заев, овие разговори да се објават токму сега, во ваков сензитивен период за нашата држава.
Факт е дека лажните вести се секојдневен проблем, не само кај нас, туку општо во светот, а во нашите медиуми секојдневно се сe поприсутни.
Но, настрана тоа. Она што повеќе загрижува е пропустот на протоколот на Заев. Веднаш откако ги слушнав разговорите си помислив, ова е резултат на карактерот на Заев и неговата намера да биде отворен и да се претставува себеси како човек од народот. Не се ни сомневав дека е поинаку. Но, сепак, кога си на таква одговорна функција, не смееш да се однесуваш своеволно и да си правиш што сакаш.
Токму затоа се измислени протоколите и службите, токму затоа и се вработени толку многу советници во неговиот кабинет. Ако Заев не сака да ги слуша советниците и да ги следи протоколите, тогаш ќе биде жртва на ваквиот негов отворен однос. Друго и не може да очекува.
Еден сериозен политичар не смее да си дозволи да биде толку отворен и да се однесува народно, како што тоа го прави Заев. Тој можеби е одличен економист, но после ова, очекувам да помине некаква дипломатска обука и школа за тоа како треба да постапува дипломатски во одредени ситуации. Тоа ќе биде за негово добро.
А оние од протоколот, нека размислат уште еднаш, дали и понатаму покорно ќе го слушаат својот шеф и ќе го оставаат на Ватс ап и на Вибер да се слуша со секого, или пак, ќе се фатат за работа и ќе ги следат правилата на комуникација, ќе го потегнат Заев за уши и ќе му кажат како треба. Бидејќи во случајов не е жртва само Заев. Жртва е нашата држава и нејзините стратешки определби и интереси.
А кога државата е во прашање, своеволното однесување е недозволиво.