Алкараз се заканува: Сакам да бидам број 1, подготвен сум да ги победам Надал и Ѓоковиќ

Карлос Алкараз годинава прави чуда на тениските терени/ фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Ерата на големата тениска тројка, Рафаел Надал, Рожер Федерер и Новак Ѓоковиќ, полека завршува, а годинава како нивен идеаен наследник се појави младиот Шпанец Карлос Алкараз кој уште сега им се заканува за великаните.

Шпанскиот тинејџер веќе триумфрира на два турнири од серијата мастерс 1000 (Мајами и Мадрид) и на Ролан Гарос дојде како шести тенисер на светот и еден од главните фаворити за триумф.

Иако беше на прагот на испаѓање во второто коло, Алкараз успеа да спаси меч топка против Рамос, за потоа во наредната рунда да го збрише Корда и да се пласира во осминафиналето на вториот годинешен грен слем турнир. Младиот Шпанец вели дека е подготвен да оди до самиот крај.

– Не би било лошо да се победи тука во Париз. Но, доколку би можел да исполнам една жеба, таа е да бидам светски рекет број еден – вели Алкараз.

Алкараз во наредното коло ќе очекува дуел со Русинот Карен Хачанов и доколку слави ќе го повтори својот најдобар резултат на грен слем турнирите, пласман во четвртфиналето, постигнат на УС Опен во септември минатата година.

Ждрепката не му беше наклонета на Алкарас бидејќи се наоѓа во истиот костур каде се и двајцата најголеми фаворити за триумф, Новак Ѓоковиќ кој е бранител на трофејот и Рафаел Надал кој има дури 13 победи на Ролан Гарос.

– Ќе биде тешко да се победи еден од двајцата тениски великани. Можеби мислите дека веќе го направив тоа во Мадрид, сигурно можам да го направам тоа повторно, но тука е поинаку. На Ролан Гарос се игра во три сета, за разлика од мастерс турнирите каде за победа се доволни два сета. Но, мислам дека сум подготвен – рече Алкарас.

Видео на денот