Алкалоид убедливо славеше над Вест Виен и дојде на чекор од осминафинале во ЕХФ Купот
Eкипата на Алкалоид славеше убедлива победа над австриски Вест Виен со 38:27 и така направи огромен чекор кон пласман во осминафиналето од ЕХФ Купот (38-27).
Гостите од Австрија поведоа со 0:2 во стартните минути, но тоа како да беше се од нив во овој дуел, бидејќи набрзо потоа започна доминацијата на избраниците на Кире Лазаров.
Алкалоид лесно постигнуваше голови и предноста растеше од „минута во минута“, па така на пауза македонскиот претставник водеше со 17:11.
Многу брзо во вториот дел, Алкалоид дојде и до двоцифрена предност (26:16). Во ниту еден момент гостите не успеаа сериозно да се заканат, па на крајот Алкалоид победи и со 11 голови разлика.
Александар Петковски со десет гола беше најефикасен, а зад него следуваа Мартин Серафимов со осум и Марко Митев со седум. Галевски запиша десет одбрани, Благојче Трајковски имаше четири помалку.
Вториот натпревар по кој ќе биде познат патникот во осминафиналето се игра утре од 19:00 часот исто така во Скопје.