Алиоски: Сонот е да играм во Премиер лигата и да бидеме дел од ЕУРО 2020!

twitter:Leeds United

Езгјан Алиоски во интервјуто за „leedsunited.com“, говореше за досегашните настапи на Лидс јунајтед сезонава каде што одново целта е по подолго време конечно да се врати клубот во најсилната англиска фудбалска лига.

Лидс предводен од менаџерот Марсело Биелса засега е на добар пат и после 22. кола е на второто место со 47 бодови, два помалку зад водечкиот Вест Бромвич Албион во Чемпионшип.

Нашиот интернационалец повторно е во одлична форма, а уште повеќе радуваат неговите голови кои ги имаше во изминатиот период.

Досега има четири погодоци, последните два ги имаше во период од три дена, еден прекрасен имаше на гостувањето кај Хадерсфилд таун (0:2), а стрелаше и дома против Хал сити (2:0).

– Работиме максимално, сакаме да бидеме на местото каде што сме сега и заслуживме поради досегашната напорна работа. Неверојатно е тоа што го правиме, задржувајќи ја главната цел да бидеме при врвот на табелата. Сезоната не е завршена, сеуште сме на почетокот. После 18 месеци со менаџерот Биелса, тој ги познава сите играчи уште подобро. Стручниот штаб многу ни помага да се развиваме, со информации, гледање на видео, состаноци. Ова е позитивно за нас, бидејќи сакаме да продолжиме да работиме и учиме подобро – рече Алиоски.

Тој воедно ги пофалува и навивачите на овој клуб, кои се „луди“, но во позитивна смисла. Ја даваат поддршката и на домашните и на гостинските натпревари.

Исто така се вели дека Алиоски е секогаш стандарден во репрезентацијата на Македонија, запрашан колку ужива во нејзините настапи и што значи таа за него.

– Поразлично е кога играте за вашата земја. Убаво е чувството. Не сте заедно секој ден како во клубот, таму си саму краток период и треба да уживате во тоа. Тешко е да се биде репрезентативец, но кога сте, морате да уживате и се обидете да постигнете нешто. Пред пет години Македонија ја промени својата филозофија, да се обиде и донесе млади играчи и неверојатно колку нештата се променија. Сега имаме голем број на стандардни репрезентативци кои играат во врвни клубови и сега сме во можност да се обидеме и испишеме историја со земјата во наредните неколку месеци со пласман на Европското првенство 2020, а сонот можеме да го оствариме со уште две победи – додаде македонскиот репрезентативец.

Да потсетиме, Македонија во плеј-офот на Лигата „Д“ од УЕФА Лигата на нации, во Скопје на 26. март ќе го пречека Косово, а доколку триумфира пет дена подоцна на 31. март 2020 година ќе го игра финалето на гости кај Грузија или Белорусија.

– Не знам какво би било чувството на таквиот успех, бидејќи никогаш Македонија не била на едно Европско или Светско првенство. Ќе биде неверојатно за мене и мојата земја да се триумфира во плејофот. Во репрезентацијата сум шест-седум години. Би било перфектно да успеам со Македонија да се пласирам на ЕП 2020 и со Лидс да играм во Премиер лигата. Тоа е голем сон, но се надевам дека ќе ми се исполни – вели нашиот играч.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот