Алиоски: Да и покажеме на Ерменија дека сме подобри, пласманот ЕП е главна цел

Фото: ФФМ

Еден од клучните фудбалери во македонската репрезентација, Езгјан Алиоски, по одличните настапи во Лидс со кого обезбеди пласман во Премиер лигата, сака сезоната да ја започне на најдобар начин, да обезбеди пласман на Европското првенство кое е одложено за наредната година.

Полуфиналниот бараж натпревар против Косово е закажан за наредниот месец и токму поради тоа претстојните натпревари со Ерменија и Грузија ќе претставуваат еден вид загревање.

Дополнителен мотив за претстојните две средби за фудбалерите претставува и тоа што Ерменија ни е должник за убедливиот пораз од 4:0 во Ереван од претходното издание на Лигата на нации, додека Грузија е можен противник во финалето на баражот за пласман на ЕП. Доколку Македонија го совлада Косово, во финалето треба да игра со подобриот од второто полуфинале помеѓу Белорусија и Грузија.

– Се вративме дома, добро е кога ќе се вратиш. Посебно на овој стадион каде пишуваме историја, ама има уште за пишување и нема да биде ништо ако сето тоа не го завршиме да одиме на Европско првенство. Сè ќе си остане исто, ќе зборуваме дека сме биле добри, добро сме играле со некои, сме имале добри резултати, ама…

Овие два меча се сега добредондени пред да дојде Косово, а имаме добра екипа и очекувам да победиме на двете средби. Ерменија е нашиот прв противник, игравме со неа тука во Скопје, ама знаеме како поминавме на гости и сега имаме шанса за реванш да им покажеме кои сме и дека сме подобри.

После тоа одиме во Грузија, а со нив може да играме и финале за Европско иќе биде добар тест да видиме каква селекција е Грузија. Имам плус мотивација, го освоив Чемпионшип, е сега не знам во која форма сум зашто немам играно и бевме на одмор. Но, имам тренинзи во последните две недели, каде дадов максимум и подготвен сум. Сепак, има време да дојдам до најдобрата форма. Јас ќе го дадам максимумот – вели Алиоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот