Алијанса за Албанците сè поблиску до „Илинденска“: Програмите усогласени, се договараат министерските фотелји

Таравари на состанок со премиерот Ковачевски/Фото: Скриншот

Големи се шансите Алијанса за Албанците да стане дел од владиното мнозинство, изјави претседателот на АА Арбен Таравари по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. Таравари рече дека 90 отсто од програмските определби на Алијанса веќе се усогласени и дека деновиве ќе следат разговори и за кадровските решенија.

„Генерално 90 отсто од програмските определби се синхронизирани. За кадровските решенија не се зборуваше, но очекувам деновиве и за тоа да разговараме. Денеска се задржавме на програмските определби и на периодот што ќе треба да го истераме. Нема понуда од премиерот за кадровски решенија, за два три дена ќе се договориме“, рече Таравари.

Лидерот на Алијанса рече дека петте програмски приоритети на Алијанса за влез во Владата, се определбата на државата за ЕУ-интеграциите, законите за влада, борба против корупцијата и реформи на правосудството, Биро за рамномерен регионален развој да стане агенција.

Иако рече дека на состанокот не добил од Ковачевски понуда за министерски позиции, Таравари сепак на новинарско прашање рече дека министерството за здравство е едно од министерствата за кои имаат најдобри кадри. Прашан дали евентуалниот влез на Алијанса ќе предизвика несогласувања во Владата бидејќи Алтернатива се противи, Таравари рече дека тоа е работа на коалициските партнери во Владата.

Договореното на средбата меѓу Ковачевски и Таравари синоќа требаше да добие виза и од Извршниот одбор на СДСМ. Според информации од висок функционер на СДСМ, на состанокот на ИО се очекува Ковачевски, освен за усогласената програма со Алијанса, сопартијците да ги информира и за позицијата на владиниот партнер Алтернатива дека се противи на влезот на АА партија во Владата.

Од Алтернатива и завчера информираа дека остануваат конзистентни на нивната позиција.

„Немаме намера да навлегуваме во мотивите зошто Алијанса за Албанците толку сака да влезе во Владата, дали е тоа за спас на ДУИ или со тоа ја условуваат нивната поддршка за уставните измени. Тоа е нивна работа. Алтернатива има договор со СДСМ за коалицирање, постигнат кога ние го спасивме ова парламентарно мнозинство и тој договор нашата партија целосно го почитува. Ако коалицискиот партнер сака да го повлече или да го смени договорот, тие треба да одговорат за евентуално нови опции за коалицирање. Додека не добиеме таква информација, не сакаме да навлегуваме во шпекулации што е за нас прифатливо, а што не е“, велат од Алтернатива.

Според информации од власта и од опозициската Алијанса, понудата за влез на АА во Владата ќе бидат министерствата за правда и за здравство и во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, едно ќе биде за Алијанса. Доколку, пак, Алтернатива реши да излезе од Владата, тогаш Алијанса ќе го добие ресорот информатичко општество и администрација. Алијанса ќе треба да добие и две заменик министерски позиции и повеќе директорски места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот