Алијанса на Албанците и Алтернатива нема да ги поддржат ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Законот за попис

Халил Снопче

Пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива денеска реагираше дека прашалникот за попишување на дијаспората не е во согласност со членот 34 од Законот за попис во врска со употребата на јазикот. АА и Алтернатива нема да го поддржи законот за поништување на Законот за попис, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ.

-Прашалникот е во спротивност со член 34 од Законот за попис во врска со употребата на јазиците. Член 34 став 1 вели дека апликацијата е изготвена на седум различни јазици и попишувањето се врши со јазикот кое го бира лицето кое се попишува. Имаме документ каде прашањата се на албански одговорите треба да се дадат на македонски, на некои прашања стои само кирилично писмо на македонски јазик. Апелираме до Државниот завод за статистика да интервенира и да се корегира, изјави пратеникот Халил Снопче од Алијанса на Албанците.

Според него, има наши државјани кои живеат надвор од земјата и кои не го владеат македонскиот јазик. Предупредува дека ваква работа може да предизвика давање погрешни податоци.

АА и Алтернатива нема да го поддржат законот за поништување на Законот за попис, по итна постапка, што денеска ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во Собранието. Снопче потенцира дека тие се заинтересирани овој процес, што веќе започна, да заврши и оти тие и опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат различни согледувања и забелешки за процесот.

-Вистина е дека ние имавме сериозни забелешки за Законот за попис, дека ниту еден наш амандман не се усвои, дека ние немаме доверба во целокупниот систем и затоа сме толку транспарентни и сакаме да ги изнесуваме нашите забелешки. Меѓутоа, вистина е дека ние сме заинтересирани еднаш засекогаш овој процес да заврши. Македонија е во многу незавидна положба. Дваесет години сме без попис и ние сме смешна држава пред очите на светот, рече пратеникот.

Снопче најави дека ќе реагираат на секоја неправилност во врска со пописот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот