Алергии кај кучиња: Неколку раси кои се повеќе склони да развијат симптоми

Алергиите кај кучињата се јавуваат кога нивниот имунолошки систем, реагира на одредени супстанции познати како алергени. Имунолошкиот систем треба да го заштити телото од инфекции и болести, но кај алергиите доаѓа до прекумерна реакција на материи кои се безопасни, како што се поленот, храна и слично.
Истражувањата покажале дека алергиските реакции кај кучињата се вообичаени и дека тие често се манифестираат слично како кај луѓето.
Тие вклучуваат чешање, иритација на кожата, црвенило, оток, проблеми со дишењето и гастроинтестинални нарушувања.
Најчести алергии кај кучињата
Меѓу најчестите алергии кај кучињата, се издвојуваат три главни категории: алергиски реакции на храна, контактни алергии и алергии при вдишување.
Според истражувањето спроведено на Ветеринарниот универзитет во Пенсилванија, објавено во 2020 година, се покажа дека алергиите на храна се присутни кај околу 10% од кучињата, додека алергиите на алергени од околината и контактните алергии се исто така распространети во сличен процент. Меѓу најчестите се алергиските реакции на полен од трева и дрвја.
Затоа, алергиите кај кучињата може да се појават на различни супстанции, а некои од најчестите алергени вклучуваат: полен од растенија како што се ајдучка трева, трева, даб, бреза; домашна прашина; болви; хемикалии од околината; храна како пилешко, говедско месо, риба, млечни производи; житарки како пченица, пченка, соја и други
Сите горенаведени може да предизвикаат алергии кај кучињата дури и ако се користат во помали дози. Во некои случаи, симптомите или преосетливоста може да се појават само по неколку години, но понекогаш реакциите се брзи и јасни.
Раси кои се повеќе склони кон алергии
Според истражувањата, постојат раси на кучиња кои се сметаат за повеќе склони кон алергии. Сепак, важно е да се напомене дека алергиските реакции зависат од секое куче поединечно и од неговата чувствителност на одредени алергени.
Не постои раса која е целосно имуна на алергии. Но, некои раси се повеќе склони кон алергиски реакции на кожата или на дигестивниот систем. Некои фактори кои можат да влијаат на ова вклучуваат генетика, исхрана и услови на животната средина.
Почесто се случува чистокрвните раси да бидат почувствителни на болести, вклучувајќи ги и алергиите.
Еве неколку раси кои често се споменуваат како повеќе склони кон алергии:
– Лабрадор ретривер: Иако се популарни како семејни и дружељубиви кучиња, лабрадор ретриверите се повеќе склони кон алергии на храна, вклучувајќи алергии на пилешко и житарки.
– Булдог: Оваа раса честопати страда од проблеми со кожата и алергиски реакции, вклучувајќи алергии на болви и алергиски дерматитис.
– Шарпеи: Овие кучиња се познати по нивната чувствителна кожа и зголемената склоност кон алергии на кожата.
– Пудлица: Сите видови пудлици се повеќе склони кон алергии на храна и алергиски дерматитис од другите кучиња.
– Бел териер: Оваа раса има многу чувствителна кожа и може да биде повеќе склона кон алергиски реакции на храната и околината.
Важно е да се напомене дека овие не се единствените раси кои можат да развијат алергии. Секое куче може да биде уникатно, па дури и во рамките на истата раса, чувствителноста на алергени може да варира.