Александар Велики во лет над Скопје

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Освен што Визер и понатаму го користи името на аеродромот „Александар Велики“ во својата официјална комуникација со клиентите, авиокомпанијата на својата веб-страница дестинацијата Скопје, при избирање на шведски превод, не ја сместува во Nordmakedonien, како што гласи официјалниот стандард во шведскиот правопис.

Во годините кога скопскиот аеродром го носеше името „Александар Велики“, некои онлајн системи за пребарување на авионски билети за резервација на летови за Скопје упорно го „исфрлаа“ резултатот – аеродром Петровец. Но, без оглед што името на скопскиот аеродром е сменето пред две години во „Меѓународен аеродром Скопје“, за некои авиокомпании и туристички агенции овој процес на менување имиња добива и извесен ефект на реверзибилност.

Според содржината на еден имејл од авиокомпанијата „Визер“ до патниците во Шведска, во врска со корекција на датумите за резервираните авиобилети до Скопје во октомври годинава, јасно е назначено дека промената се однесува на летовите од Gothenburg-Landvetter до Skopje „Alexander the Great“.

Згора на тоа, освен што „Визер“ и понатаму го користи името на аеродромот „Александар Велики“ во својата официјална комуникација со клиентите, авиокомпанијата на својата веб-страница, дестинацијата Скопје, при избирање на шведски превод, не ја сместува во Nordmakedonien, како што гласи официјалниот стандард во шведскиот правопис на слеано пишување на сложените имиња на државите, вклучувајќи го тука и името Северна Македонија. Наместо Nordmakedonien, „Визер“ наведува одвоена варијанта – Norra Makedonien, каде што името Македонија фигурира одвоено, иако тоа сигурно не би можело да помине кај шведските јазични експерти. Дали станува збор за немарност, недоследно следење на процедурите и промените, или пак, можеби станува збор за некакви други мотиви, а што е и помалку веројатно, би можеле да одговорат само во „Визер“.

Но, ова секако не може да се смета и за некаков изолиран случај кога станува збор за (не)консеквентноста во следењето на коректната употреба на решенијата во меѓународни рамки кои произлегуваат од промената на името и Преспанскиот договор. Во Норвешка медиумите го користат сложеното име со цртичка Nord-Makedonia. Но, тоа не е случај и кога станува збор за државниот норвешки монопол за продажба на алкохолни пијалаци, „Vinmnopolet“. Со впишување на Nord-Makedonia (Северна-Македонија) на нивниот пребарувач, се добиваат „нула“ погодоци. Но, со впишување само на „Makedonia“, се добива резултат од 19 погодоци, од кои мнозинството се однесуваат на македонски вина, меѓу другото од „Тиквеш“, „Камник“ и Бовин“, а неколку се и грчки бидејќи во насловот содржат „Македоникос“ или нешто слично, но како земја на потекло кај нив е наведена Грција. И овде останува отворено прашањето дали името „Makedonia“ на веб-страницата на алкохолниот државен монопол во Норвешка е наведено како име на држава или како географски регион?

Во соседна Шведска, каде што исто така функционира државен монопол за продажба на алкохолни пијалаци, „Сустем болагет“, состојбата е поинаква. Со пребарување под „Makedonien“ (Македонија), сега се добиваат исклучиво погодоци – „Grekland“ (Грција), со додавка Македонија како регион (вкупно 30 вина).

Слеаната форма, како што можеше да се очекува, во некои јазици отвора простор и за подиректно поврзување на терминот Македонија како географска регионална одредница со Грција.

А, за да најдете вина во богатиот асортиман на „Систем болагет“ од „поранешна“ Република Македонија, сега мора да впишете „Nordmakedonien“, и тогаш во пребарувачот ќе добиете 13 погодоци. Тоа е, едноставно, новата реалност. Грчкиот премиер Мицотакис пред извесно време изрази уверување дека околу заложбите за заштитата и зајакнување на производите од Грција, што го носат називот „македонски производи“, и на брендот „Македонија“, постојат добри претпоставки за успешен исход.

Во рамките на ЕУ-ознаките за географско потекло се регулираат со одредбите на Европскиот совет од 1992 година. Освен вината, со мерките на заштита се опфатени и прехранбени и земјоделски производи. Искуствата кажуваат дека колку повеќе се засилува и се хармонизира заштитата на ознаките за географско потекло, дотолку повеќе, во практична смисла, тоа има поголема вредност за оние што имаат право да ги користат ознаките на своите производи.

Многумина, сепак, изразуваат уверување дека, доколку процесите на глобализација продолжат да се продлабочуваат – иако корона-пандемијата веќе покажа и извесни ретроградни тенденции насочени кон национално затворање – тогаш е за очекување дека во оваа област ќе се воведат и некои меѓународни стандарди. На различни начини ќе биде потребно да се отворат патишта меѓу земјите, при што ќе бидат неопходни и сеопфатни меѓународни институции базирани врз хармонизирање на законодавствата. Во еден таков иден глобализиран свет, нациите по разни основи би го губеле своето значење во однос на глобалното, но исто така и во однос на регионите што ќе станат важни и кои би имале различна големина во различни контексти.

Во такви услови би било природно потеклото да има и поголемо значење. За регионалните потрошувачи големо значење би имала регионалната припадност на стоките и нивното производство. Во таа смисла, националното чувство кај потрошувачот можеби би било заменето со еден вид регионална гордост.

Се разбира, во таа смисла не би можела да се исклучи и можноста да стане релативно и чувството околу важноста на фактот дали историскиот спомен на Александар Велики би се вивнал од (северно)македонскиот аеродром кај Скопје, а потоа би слетал и би се приземјил некаде во Грција. Се чини дека за „Визер“, дилемите околу повлекувањето на такви ирационални дистинкции, ниту сега немаат некакво посебно значење. Суштината, очигледно, лежи во успешноста на „продавањето приказни“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот