Александар Николоски избран за известител за Босна и Херцеговина од Советот на Европа

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Александар Николоски е избран за известител за Босна и Херцеговина од Советот на Европа. Ова е првпат Македонец да оценува напредок на друга држава.

Николоски е избран од Мониторинг комитетот на ПССЕ. Тоа значи дека во следниот период тој ќе го следи напредокот на Босна и Херцеговина во делот на исполнување на обврските кои што оваа држава ги има преземано кон Советот на Европа, пред сѐ во делот на почитувањето на основните човекови права, владеењето на правото, борбата со криминалот и корупцијата, изборните реформи, како и воспоставувањето на фунционална правна држава.

– Ова е огромна чест за мене. Но, во исто време претставува признание за Македонија, затоа што македонски пратеник конечно е во позиција да пишува извештаи и да известува за она што се случува во други држави, а не само Македонија да е под мониторинг и други да известуваат за Македонија, изјави Николоски по изборот.

Според него, ова значи многу за Македонија, за имиџот на државата, значи дека Македонија може и има политичари кои што може да ја претставуваат надвор од државата. Тој, како што вели, ќе се потруди со сиот негов капацитет и со сиот негов авторитет да направи добри работи за регионот, од кој што дел секако е и Босна и Херцеговина.

– Се надевам дека државата ќе напредува и се надевам дека ќе видиме и во Сараево и во Бања Лука и секаде онаму каде што ќе одиме и во Мостар и во останатите градови напредок кон едно пофункционално владеење на правото, ќе видиме напредок кон една хармонизирана држава, ќе видиме напредок кон исполнување на обврските кои што ги има Босна и Херцеговина кон Советот на Европа, и секако почитување на Дејтонскиот мировен договор и сите останати одлуки кои што ги имаат донесено Советот на Европа, ЕУ и ОН за Босна и Херцеговина, додава Николоски.

Според процедурата во ПССЕ, изборот на известителот го врши Мониторинг комитетот со директно гласање, а тој може да биде номиниран од 10 пратеници. Практика е номинацијата да дојде од пратеничка група за да не се случи да има номинирани од иста пратеничка група.

Инаку, според правилата на Советот на Европа, има по двајца известители, а притоа се почитуваат правилата двајцата да не бидат од иста пратеничка група, да не се соседни држави на онаа за која се бираат за известители и да немаат конфликт на интереси во однос на државата за која ќе известуваат. Мандатот на известителите е неограничен, односно сѐ додека се пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот