Александар Бошков: Музиката не е натпревар

Интернационалниот џез фестивал во Битола, „Џез фабрика фестивал“ минатиот месец го одржа своето петто, јубилејно издание, каде што на Александар Бошков му беше доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар за 2021 година.

Фестивалот имаше богата програма исполнета со музика, работилници, презентации и дебати. Главната програма се одвиваше во Народниот театар во Битола, а дел од оф-програмата се одржа во кафе-барот „Порта џез“, како и клубовите „Камарите“ и „Бурбон стрит“, што според организаторите е со цел фестивалот да го доближат до пошироката публика. Инаку, изведбата на фестивалот беше воедно и прв настап на квартетот на Бошков, што, всушност, е продолжение на неговото акустично трио.

„Културен печат“ му честиташе на Бошков за наградата, а со оглед на тоа дека најдобар џез-музичар на млада возраст воопшто не е мало признание, го прашавме што значи „најдобар“ во џезот, ако се земе предвид дека овој вид музика дава широк простор на изразување.

– Според мене, најдобар во џезот не постои, овде сите луѓе со креативен дух се добредојдени да се изразат со звук – смета Бошков.

За да дојде до џезот, инспирацијата ја црпи од секаде, но непосредно „виновен“ е блузот: „Блузот ми беше мостот до музиката што сакам да ја свирам сега, кој, исто така, игра многу голема улога во однос на изразувањето во џезот“, додава тој.

Александар Бошков е роден во 1997 година во Штип. Дипломира на катедрата за џез при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Редовно настапува во различни постави во државата и надвор. Она што отскокнува кај овој исклучително талентиран музичар е неговиот отворен ум кон различни музички правци, па така неговото име може да се сретне во многу проекти, меѓу кои има и соработки со изведувачи во сферата на електронската музика.

– Обожувам да експериментирам и со други музичари кои доаѓаат од кое било поле во музиката, а посебно од електронскиот свет. Така настана мојот проект со Огнен Зафировски, познат под името „Yudhisthira“. Благодарение на успесите на Оги ширум светот, амбиенталниот проект наречен „Starchild“ успева да се пласира на фестивали надвор од нашата држава – објаснува Бошков.

„Џез фактори фестивал“ во Битола е посветен на промовирање на македонската џез музика. Во тој контекст, Бошков се смета себеси за среќен што има одлични соработници.

– За мојата музика имам голема среќа што имам можност да ја работам и развивам со луѓе што ми се другари, пред сѐ, и многу инспиративни музичари. Почнавме како трио, но за првпат свиревме како квартет на „Џез фактори фестивал“. Реално, оваа музика е рефлексија на мојата идеја со звукот и изразот на другите музичари во бендот – заклучува Бошков.

Наградата „Гоце Димитровски“ се доделува во соработка со Општина Битола, додека пак „Џез фактори фестивал“ се одржа со поддршка на Општина Битола, Народниот театар во Битола и асоцијацијата „Мост“ од Будимпешта.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 140, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот