Албанската ЦИК отпечати едукативен материјал на македонски јазик

Централната изборна комисија на Албанија, во пресрет на парламентарните избори закажани за 25 април отпечати едукативен материјал и на македонски јазик насловен „изборен криминал”.

-Во рамки на доследното информирање на малцинствата што живеат на територијата на Република Албанија и кои уживаат право на глас, го подготвивме овој материјал во врска со актите што го сочинуваат изборниот криминал и законските казни што се предвидени за тоа, стои во објавата на ЦИК.

Се предупредува дека соодветна казна, според албанските закони ќе добие секој кој со какво било дејствие ги загрозува изборите.

-Врз основа на позитивните законски прописи, за продажба и купување гласови предвидена е затворска казна во траење од една до пет години, фотографирањето на гласачкото ливче и прикажување на други со затворска казна од три месеци до три години а семејното гласање или гласањето повеќе лица оддеднаш, со една до три години затвор, дообјаснува ЦИК.

Затворска казна во траење од три месеци до седум години е предвидена за секое дејствие што ги нарушува изборите, како што се гласање без биометриски документ за идентификација, закана, фалсификување или оштетување на изборен материјал.

Ваков едукативен материјал е отпечатен и на јазиците на другите еднички заедници, со признат статус на малцинство.

Во трката за пратеник во округот Корча на кандидатската листа на Социјалистичката партија на Еди Рама се наоѓа Васил Стерјовски, лидер на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, кој токму од Корча го доби и првиот мандат.

Тој беше претставен на синоќешниот изборен митинг, заедно со уште 153 кандидати за пратеници, што Социјалистичката партија го одржа на плоштадот „Скендербег” во центарот на Тирана и официјално ја почна изборната кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот