ВИДЕО: Албанија и Турција единствено достапни за македонските граѓани за новогодишните празници

Интересот на граѓаните за патување е во согласност со ситуацијата во која се наоѓаме. Не велам дека нема интерес, но тој е значително помал во споредба со минатите години, рече денеска во Утрински брифинг директорот на туристичката агенција Савана, кој зборуваше во име на Стопанската комора за туризам. 

-Не можеме да кажеме дека не постојат услови за патување, некои земји примаат туристи со ПСР тест, некои и без тест. Некаде се воведоа ограничувања поради Новогодишните празници. Најмногу се патува во Македонија, капацитетите кои се на располагање нудат програми за Нова година согласно протоколите пропишани од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Во однос на патувањата во странство, има многу мал број на групни патувања, повеќе се патува индивидуално, рече Пешевски.

Најпопуларни земји за патување се Албанија и Турција, во Србија се патува помалку поради воведувањето на ПЕР тест.

-Патниците се одлучуваат да патуваат во земји каде што не е задолжителен ПСР тест и туристите се повеќе добредојдени. Најмногу се патува во Албанија и Турција, но за среќа има и такви кои патуваат на подалечни дестинации. Туристичките земји и покрај ограничувањата и се обидуваат да ги мотивираат туристите повторно да се вратат, гарантирајќи ја безбедонста со тоа што се придржуваат до строги протоколи, вели Пешевски.

Понудата се разликува во цената, има цени за Истанбул од 129 до 149 евра, за Кападокија од 229 евра, Кушадаси од 199 евра, Анталија од 359 евра за ресорти од висока категорија со авионски превоз. Се нуди и Нови Сад за 99 евра.

Ковид пандемијата не ги предомислува граѓаните кои се одлучни новогодишната ноќ да ја поминат во друштво и надвор од домовите. Во предвид доаѓа изнајмувањето на викендички во Маврово, Никифорово, Крушево и Охрид, каде што цените се движат од 50 до 100 евра изнајмување од вечер. Има и луксузни вили во кои сместување за Нова година чини 500 евра од ноќ. „Слободен печат“ стапи во контакт со сопствениците кои велат дека има заинтересираност и ретко може да се најде слободен простор за изнајмување за прослава. Според директорот на „Савана“ масовните собирања кои се очекува да се случат и покрај предупредувањата на епидемиолозите и покрај забраните од Комисијата за заразни болести, ќе се спречат единствено ако се користат капацитетите кои ги нудат туристичките агенции. Според него, треба да се сменат навиките на граѓаните и наместо сами да наоѓаат хотели за одмор, тоа да го прават со посредништво на агенциите.

-Македонија е значаен пазар во туристичките понуди. Пандемијата го ограничи бројот на странски гости, а домашните гости имаат навика кога одат на одмор или викенд сами да организираат патување, намето да консултираат туристичка агенција. На пример, голем процент од ваучерите за туризам кои ги добија граѓаните останаа неискористени, а доколку во мерката беа вклучени туристичките агенции. Патнички консултант има секаде во светот и редно време е и кај нас во Македонија како што имаме матичен лекар да имаме и туристички консултант.

По предлог на Агенцијата за туризам уште на почетокот на кризата беше формиран комитет кои предлагаше мерки за ублажување на кризата, голем дел од тие мерки се спроведоа, но агенциите работат со загуби од речиси 90 проценти.

-Ние како Стопанска комора за туризам имавме добар увид во состојбата , како гранкова комора имаме хотелиери, агенции, туристички водичи и образовни институции. Предлозите кои ги дадовме беа многу конструктивни. Нашиот најголем промет што прометот е паднат за 90 отсто и не е коректно да се споредуваме со други гранки каде што прометот е паднат за 20-39 отсто, што беше дел од првиот сет на мерки за финансирање на платите на вработените. Добивме помош за исплата на плати, за што сме благодарни. Но, последната мерка ни даде повеќе ветер во грб бидејќи ни овозможи да ја запазиме ликвидноста. Меѓутоа, голем дел од фирмите имаа проблем да ја користат мерката бидејќи условот беше да го задржат истиот број на вработени од летните месеци, а реално никогаш во ноември немало ист број на вработени како во сезона, рече Пешевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата ќе врши засилени контроли од наредната недела, но и во текот на новогодишната ноќ, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод 100 дена влада. Тој појасни дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи на луѓе.
-Изготвени се сите планови за контроли, тоа веќе ќе го правиме од наредната недела и во текот на новогодишна ноќ“, кажа Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот