Албанија го ратификува договорот со Северна Македонија за заеднички контроли на граничните премини

фото Миа

Албанскиот Парламент, на денешната пленарна седница, што ја почна со едноминутно молчење во знак на почит на загинатите македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија, го ратификува договорот за заеднички контроли на граничните премини меѓу Северна Македонија и Албанија.

– Албанија и Северна Македонија ќе имаат заеднички гранични контроли по истиот модел што го имаме со Косово и Црна Гора, рече министерот за внатрешни работи Бледи Чучи во своето обраќање во Собранието.

Тој додаде дека на сите шест гранични премини ќе има само еден контролен шалтер.

– Договорот се заснова на модели што ги имаме со другите земји кои ги подготвивме во консултација со мисијата ПАМЕКА во нашата земја. Главните цели се да се олесни движењето на луѓе и стока, да се зголеми соработката во исполнувањето на заедничките безбедносни интереси и брзата размена на информации, да се зајакне професионалниот капацитет на службениците на граничната полиција и да се контролира квалитетот на спроведувањето на законот за граничната контрола, рече Чучи.

Верувам, додаде, дека на сите им е јасно оти овој договор има за цел да ги „зајакне врските со нашиот сосед” и веруваме дека тоа им служи на „нашите заеднички напори за ЕУ и иницијативата за Отворен Балкан”.

Долж македонско албанската граница функционираат граничните премини Блато и Џепиште (кој е од локален карактер и веќе функционира заедничка контрола) кај Дебар, Ќафасан кај Струга, Стење кај Ресен и Свети Наум кај Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот