Албанците гласаа, Србите излегуваа на гласачките места

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

По командата од Белград во неделата косовските Срби масовно гласаа за Српската листа, која е дел од косовските власти и чии функционери даваат заклетва на таканаречениот Устав на таканареченото Косово.

Повторно се покажа дека локалните избори на Косово може да имаат влијание врз политичкиот живот на албанската, но не и на српската заедница. Кај Албанците имаше изненадувања, кај Србите одамна се знаеше победникот. Владејачката партија „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти не го повтори успехот од парламентарните избори: ни во една од 38-те општини не освои повеќе од една половина од гласовите, а враќањето на некои стари играчи значи дека ќе мора во вториот круг, меѓу другите, и во Приштина и во Призрен, каде што се очекуваше успех.

Србите од Косово организирано излегоа на гласачките места под закрила на властите на „лажната држава“, која не ја признаваат. По командата од Белград во неделата масовно гласаа за Српската листа, која е дел од косовските власти и чии функционери даваат заклетва на таканаречениот Устав на таканареченото Косово. Косовските Срби се на крстопат. Од нив се бара лојалност кон Белград и лојалност кон Приштина.

Сосема надреална ситуација, која открива дека Српската листа не постои поради гласачите или поради српското единство во кое се колнат, туку како експозитура на белградската политика за да гарантира привилегии и бизниси на нејзините лидери.

Албанците се изјаснуваа за проблемите со кои се соочени на комунално ниво. На Србите тоа право им беше скратено. Листата ја интересира само безусловната поддршка за Александар Вучиќ, а не локалните прашања, од енормната корупција и криминалот преку подобрување на здравството во време на пандемијата, па сѐ до асфалтирање на улиците и изнесувањето на ѓубрето. Повеќе од 25.000 набљудувачи немаа посериозни забелешки на одвивањето на изборите. Само двајца активисти во Косовска Митровица на гласање излегоа со фластери преку устите, но нивната симболична порака не стигнува до илјадниците избирачи, кои може да го ризикуваат своето работно место ако тие лично и членовите на нивните семејства не гласаат за Српската листа, која во својот репертоар има и уцени и директни заплашувања.

Секој што не е за нив е предавник. Постојат само Српската листа и гласот од Белград. „Доаѓаат во стадо, зашто поединечно би настрадале“, е еден од негативните коментари во Белград.

Рекорден одѕив

Во такви околности не зачудува тоа што одѕивот во српските општини забележа рекорд: повеќе од 70 отсто, речиси двојно повеќе од просекот во Косово. Српската листа мораше да победи. Едвај да имаше ривали. Листата освои девет од десетте претседатели на општини со српско мнозинско население.

Нејзиниот кандидат за градоначалник на Косовска Митровица освои 100 отсто од гласовите – што во некои други околности би требало да биде знак за тревога. Не и меѓу оние што управуваа со 44.000 гласови на избирачи од четирите српски општини од северот. Курти, иако тоа го демантира, со испраќањето на специјалната единица РОСУ на северот на Косово и во текот на кризата во врска со автомобилските таблички на 20 септември и со полициската акција во рамките на борбата против шверцот и криминалот на целата територија на Косово, имаше намера да ја поправи својата позиција. Отиде толку далеку, што користеше и солзавец и топовски удари во показна вежба на својата решеност да се бори за суверенитет и територијална целост. Според резултатите на „Самоопределување“, се покажа дека тоа не била добра процена.

Ако овие акции на Курти беа чин први, во вториот главната улога ја имаа Вучиќ и Српската листа. Претседателот на Србија итно отпатува во Рашка, каде што на Србите им порача: „Во таа борба ние ќе победиме. Ние сме тука“. За Албанците имаше порака со иста содржина, но со друго значење. Ја испрати од касарната на жандармеријата, каде што се пееја јуначки песни за Косово: Ние сме тука, веднаш покрај границата. Сепак, не сакаше да ја повтори грешката што ја направи кога по повод кризата од септември испраќаше „мигови“ и хеликоптери.

Вучиќ и Курти влечат потези што им одговараат, без да се обѕираат премногу на ризиците што ваквите инцидентни ситуации ги создаваат. Српската листа повторно вревеше поради влезот на РОСУ (во која има и многу Срби) на северот и се закани со напуштање на косовските институции, вклучувајќи го и парламентот во Приштина, во чија работа учествува. Претседателот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Белград го опишуваше Курти како „психопат“, што повеќе е израз на слабост отколку на сила.

Само еден ден по ваквите закани, одлуката е променета по „консултации“ со Вучиќ. Раководството на Листата колективно излезе на гласање во Косовска Митровица. Може ли некој да објасни како е можно одлуката за учество на изборите да се донесе еден ден пред изборите и потоа да се соберат потписи, да се предаде листата и сѐ што оди со тоа? Јасно е дека стануваше збор за фингирана лутина.

Тешка задача за Курти

„Самоопределување“ во вториот круг го чека тешка задача, бидејќи неговите кандидати против себе имаат здружена опозиција. Дали можеби ќе има некој нов инцидент во двете недели помеѓу двата изборни круга? Никој не смее ништо да тврди. Јасно е дека Курти ја презема иницијативата и сака да ја води партијата со бели фигури. Можеби тоа е победничка тактика, бидејќи низ историјата се покажуваше дека на Албанците секојпат им успевало да предизвикаат лоша реакција од Белград.

Вучиќ досега ги вклучуваше српските средини во косовскиот судски и просветен систем, ја предаде на властите во Приштина контролата на полицијата, ги призна дипломите, контролата на границата на северот и собирањето на царините и на даноците. Косово има сопствен меѓународен повикувачки број и доби членство во меѓународни финансиски и спортски организации. Критичарите тврдат дека тоа е „ползечко“ признавање на косовската независност, но Белград упорно повторува дека го прави сето тоа за да го заштити српскиот народ на Косово. Еден од клучните фактори е основањето на Заедницата на српските општини, со што Приштина се согласи во Брисел во 2013 година, но оттогаш одбива да ја реализира оваа одредба од спогодбата.

Српската листа по изборите повторно се закани дека ќе ги напушти косовските институции ако Заедницата не биде формирана до крајот на годината, но и тоа е дел од истата претстава. Се заканува реална опасност судирот да прерасне во „замрзнат конфликт“, иако лидерите и на Белград и на Приштина се колнат пред западните посредници од Европската Унија дека тоа не им е целта. Приштина сака независност, Белград не знае што сака, само знае дека не сака независност.

Но, се менуваат и меѓународните околности. Администрацијата на Џозеф Бајден покажува дека сака поактивно да се вклучи во работите не само на Косово, туку и на Западен Балкан пошироко, пред сѐ во Босна и Херцеговина. Именувањето за нов амбасадор во Белград на Кристофер Хил, десната рака на преговарачот Ричард Холбрук од времето на косовската криза и бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, најавува поостар пристап.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот