Алармантно во градинките: Заразени 33 деца и 109 вработени

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на коронавирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа посочува дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега.

Шахпаска оцени дека состојбата во градинките е под контрола и оти тоа, како што рече, може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи.

-Кога зборувам за изолација не сакам јавноста да биде дезинформирана. Тоа е вкупен број на лица ставени во изолација поради контакти. Тие не се позитивни. Нагласувам дека лицата што се ставени во изолација не се позитивни. Велиме дека состојбата е стабилна врз основа на фактот што 11 илјади деца во моментов претсојуваат во градинките. Од тие 11 илјади во изолација се ставени околу 650 дечиња. Будно ја следиме состојбата и како ќе се одвива епидемиолошката состојба така и ќе бидат одлуките што ќе ги носи и министерството и владата, рече Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Договор за грант за изградба и реконструкција на градинки со градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.

Во општина Гостивар од отворањето на градинките се регистрирани три позитивни вработени и само едно дете.

Ова како што истакна градоначалникот Таравари говори дека доколку се почитуваат протоколите за работа епидемијата нема да се шири.

– Доколку се придржуваме на протоколите и ние како граѓани и тие што работат во училишта и градинките нема да има голем број инфицирани, рече Таравари.

Тој смета дека како што почнаа со работа градинките и настава со физичко присуство за децата до трето одделение, требало да одат на училиште сите деца.

-Мислам дека и учулиштата требаше да почнат со цел капацитет само со скратени часови, а сите ученици да одат на настава, бидејќи ако се придржуваат до протоколите оптимист сум оти се би поминало без огромни или големи последици, рече Таравари. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот