АЛАРМАНТНО НА ИСЛАНД: Погребна церемонија за загубениот глечер (ВИДЕО)

Заради климатските промени Исланд во неделата мораше да одржи погреб за првиот изгубен глечер.

Среде поезијата, моментите на молк и политичките говори за алармантната потреба од борба против климатските промени, исландските власти, научници, активисти и други се збогуваа со ледената покривка Окјокул, во западноцентралниот дел на Исланд.

Според сателитските снимки од Земјината опсерваторија на НАСА, глечерот во 1986 година изгледаше како цврсто бело парче, а исландскиот геолог Одур Сигурдсон рече дека порано се протегал на 15 квадратни километри.

Според една геолошка карта од 1901 година, Окјокул се протегал на област од околу 38 квадратни километри.

Но сликата на НАСА од 1 август годинава покажува дека останале само мали цртички бел мраз.

Пред околу една деценија Сигурдсон го прогласи Окјокул за мртов, откако тој се топеше во текот на 20 век. Во 2014 година тој веќе не ги исполнуваше критериумите да биде класифициран како глечер.

Сигурдсон рече дека иако ова е првиот глечер на Исланд што исчезнал, сите ледени маси на нацијата ќе ги снема за 200 години.

„Повеќе немаме сомнеж дека климата на Арктикот се менува значително и брзо“, рече Миник Росинг, професор на Универзитетот во Копенхаген.

„Сите нордиски земји опфаќаат територии на Арктикот, каде што климатските промени од теоретски предвидувања на иднината станаа секојдневна реалност“, рече тој.

Во неделата, околу 100 луѓе два часа се искачуваа по вулкан до меморијалот за Окјокул.

Сигурдсон донесе посмртница, додека жителите се потсетуваа дека илјадници години се пиела чиста вода од глечерот.

„Симболичната смрт на глечерот е предупредување за нас и ни треба акција“, рече поранешната ирска претседателка Мери Робинсон.

„Ги гледаме ефектите од климатската криза“, рече исландската премиерка Катрин Јакобсдотир. Таа рече дека ќе ги направи климатските промени приоритет кога нордиските водачи и германската канцеларка Ангела Меркел ќе се сретнат денеска во Рејкјавик.

Група деца поставија спомен-плоча на глечерот.

На неа се вели: „Ок (Окјокул) е првиот исландски глечер што го загуби статусот на глечер. Во следните 200 години, сите наши глечери се очекува да тргнат по истиот пат.“

„Знаеме што се случува и што треба да се направи“, продолжува натписот, обраќајќи им се на идните генерации. „Само вие знаете дали сме го сториле тоа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот