Алармантни провокациите и заканите од Каракачанов

Фото: Архива на „Слободен печат“

Владата и министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера ја оценија како недолична и недостојна за земја членка на НАТО и на ЕУ изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека ќе испрати војска во Македонија за да урне дел од спомениците на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“.

Во Владата ги осудуваат таквите изјави, но засега не размислуваат да испратат протестна нота до Бугарија. Според министерката Шекеринска, поминало времето на такви несериозни изјави на Балканот, а според владиниот портпарол Душко Арсовски, ставот на Каракачанов не е став и на бугарските граѓани, а политичарите не треба да ја подгреваат атмосферата туку да работат на решение.

Наспроти меките и смирувачки одговори од власта, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ два дена немаат коментар за заканите на бугарскиот вицепремиер, а во јавноста експлодира незадоволството.

Шекеринска: Несериозни изјави

Министерката Шекеринска порача дека поминало времето кога министри за одбрана во регионов даваат изјави како Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни.

– Македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори и препукувања нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача  – рече вчера Шекеринска.

Таа потенцира дека ќе продолжи да ја испраќа пораката дека „нашите граѓани нѐ плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи“.

– И затоа очекуваме Бугарија, која беше една од државите во регионот која од самиот почеток ја поддржа нашата независност и членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега, бидејќи пријателските народи, македонскиот и бугарскиот, можат да одат напред само ако меѓусебно се поддржуваат – рече Шекеринска.

И владиниот портпарол го повтори истиот став и потенцира дека Владата верува во решенија.

– Убедени сме дека земјата сосед која прва ја призна независноста и беше промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и ЕУ, нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија – рече Арсовски.

Ваквата реторика на македонската власт кон Бугарија, според аналитичарите може да биде продуктивна некое време, но не може долго да трае ако бугарските ставови се радикализираат. Според Петар Арсовски, можно е поумерените ставови да се резултат од искуството на спорот со Грција, кога умереноста доведе и до резултат, а и со оглед дека Европа не реагира позитивно на радикалните бугарски позиции.

И нашата реторика се заострува со оглед на изјавите на премиерот Зоран Заев и министрите Никола Димитров и Бујар Османи за неотстапување од црвените линии, но разликата од нашата до бугарската реторика е огромна. Мислам дека Каракачанов не треба да го гледаме како гласник на официјалните ставови на бугарската влада. Премиерот Бојко Борисов нема многу избор со кого ќе коалицира во владата, а рејтингот на Каракачанов паѓа и затоа тој прави ваков театар. Не е исклучено дека и Борисов ќе влезе во истиот театар, доколку се одлучи на популизам наместо да биде предводник на евроинтеграцијата на регионот. Како што наближува терминот за средбите во Софија, така и изјавите ќе стануваат сѐ порадикални, па и нашата јавност ќе се радикализира, а тоа ќе влијае и на ставовите на власта – вели Арсовски.

Петковски: Бугарија да се извини за нивниот фашизам

Лидерот на НСДП Тито Петковски вчера изрази згрозување од провокациите на Каракачанов.

„Читам и не ми се верува. Министер за одбрана на членка на ЕУ, отворено се заканува дека ќе пушти инженериски полк во Македонија за да ги отстрани спомениците за бугарското фашистичко дивеење во Втората светска војна. Ја разбирам желбата на бугарските националшовинисти кои сакаат како со гума да ги избришат тие мрачни години од бугарската државност како никогаш да не се случиле. Но, не можам да разберам како не сфаќаат дека треба да имаат цивилизиран однос кон еден посебен народ, кој целиот тој ужас од бугарската окупација го почувствувал на свој грб и тие паметници ги подигнал за фашизмот како најголемо зло никогаш да не се заборави, за да не се повтори. Никој нема право, а најмалку еден ултранационалист како Каракачанов од нашата историја да прави ѓубре“, напиша Петковски на Фејсбук.

Тој потсети дека цивилизираниот однос налага да се отвори дискусија за воените злосторства што ги извршиле бугарските окупаторски сили, а актуелната власт да се извини за тие злосторства, како што познатиот германски канцелар Вили Брант ѝ се извинил на Полска и се поклони на жртвите на германските фашисти.

Каракачанов бара 11 Октомври повеќе да не ни е празник

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов во радиоинтервју обвини дека Македонија не го почитува и спроведува Договорот за добрососедство што го потпиша пред три години.

– Во Скопје решија дека можат да се закачаат со Бугарија. Веројатно добиле охрабрување од една или од друга земја, но продолжуваат на тој провинцијално-простачки начин да се однесуваат со една држава од која зависи нивната европска иднина. Историјата до 1944 година треба да биде оставена намира, а во учебниците да се запре со гнасниот фалсификат. Историјата на Македонија до 1944 година е бугарска историја. Буквално тие одбија да работат во заедничката комисија. Празнуваа на 11 Октомври национален празник против таканаречениот од нивна страна „бугарски окупатор“. Ако треба ќе им го пратам инженерскиот полк да им помогне да ги тргнат побрзо сите споменици што не одговараат на историските факти или ќе им пратам од мојата организација ВМРО, ќе ги тргнат за 24 часа – изјави Каракачанов, лидер на партијата ВМРО-БНД.

Тој рече дека бараат со закон 11 Октомври повеќе да не биде празник во Македонија и да се повлечат сите учебници во кои се зборува дека до 1944 година е македонска, а не бугарска историја.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот