Аларм: Зошто се одолговлекува процедурата за избор на тела во две важни институции – Агенцијата за медиуми и МРТ?

ААВМУ, МРТВ и Собранието во лавиринтот на неодговорноста, опструкциите и одолговлекувањето/ Фото: Цивил Медиа

ААВМУ, МРТВ и Собранието во лавиринтот на неодговорноста, опструкциите и одолговлекувањето

Институциите можат да функционираат законито и во интерес на граѓанките и граѓаните само кога законите се добри и се носат и спроведуваат навремено. За да бидат институциите ефективни и да обезбедат демократија и владеење на правото, неопходно е минимум нормално функционирање на парламентот. Во тоа спаѓаат и законските обврски на парламентот и комисиите при него, за избор и именувања на функционери во институциите.

Опструкциите, блокадите и несовесниот однос кон институциите и законската регулатива го подриваат владеењето на правото и ги онеспособуваат институциите.

Илустрација за нефункционирањето

Илустрација за нефункционирањето на парламентот во една исклучително важна сфера – медиумите – е случајот со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно со избор на членови на Советот и директор на оваа институција, како и членови на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на Македонската радио телевизија.

Повеќе од две години трае одолговлекувањето, опструкциите и блокадите за овие важни прашања. Со тоа директно се кршат повеќе законски одредби.

Што велат законските одредби?

Според Член 43 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, членовите на Советот, директорот на АВМУ, членовите на Програмскиот совет, директорот МРТ и неговиот заменик, ја вршат функцијата до нивниот избор во парламентот.

Член 43

(1) Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ.

Но тоа не може да трае до недоглед.

Според член 20, став 4 од истиот закон, ако мандатот на директорот е завршен, а постапката за избор на директор не е завршена, директорот продолжува да ја врши функцијата сѐ додека не се изврши избор на директор, но не подолго од шест месеци.

Член 20

(4) Ако мандатот на директорот е завршен, а постапката за избор на директор не е завршена, директорот продолжува да ја врши функцијата се додека не се изврши избор на директор, но не подолго од шест месеци.

Истечени се мандатите на функционерите во овие институции, АВМУ и МРТ, по искористувањето на можни и неможни административни и законски „дупки“ за задржување на функцијата.

За сѐ да биде согласно со законските одредби, за да се избере Директор на АВМУ, потребно е да се избере новиот состав на Советот на оваа институција. Еве што вели Законот за ААВМУ:

Член 43

(4) Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на МРТ од ставот (3) на овој член ќе донесат одлука за објавување на јавни конкурси за избор на директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, директор и заменик директор на МРТ во рок од 15 дена од денот на донесувањето на деловниците за работа. Изборот на директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, директор и заменик директор на МРТ ќе се изврши во согласност со одредбите од овој закон и со деловниците за работа на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на МРТ.

Да потсетиме, законите се гласаат во парламентот.

Почнато, незавршено

Според правните експерти, со измените и дополнувања на Законот за ААВМУ од 2018 година, не е избришан став 4 од член 20, така што тој важи и треба да се чита во корелација со член 43 од измените и дополнувањата на предметниот Закон, објавен во „Службен весник на РМ” бр.248/18.

Познато е дека дел од процедурата е завршен. Отворен е повик за кандидирање на членови на Советот на АВМУ, кандидатурите се поднесени во парламентот, до Комисијата за избори и именувања. Но веќе подолго време е отворено – и неодговорено – прашањето:

Кога Комисијата за избори и именувања ќе ги повика кандидатите на интервју и ќе ја заврши својата обврска според Законот?

Зошто процедурите се започнати, а не се завршуваат? Зошто парламентот молчи? Овие и многу други прашања се поврзани со големата тема македонски медиуми и институциите поврзани со нив, за кои малку се знае, а уште помалку се прави. Веќе одамна се видливи последиците од игрите, опструкциите и непотребните одолговлекувања во оваа сфера. Сагата продолжува.

Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот