Алаѓозовски: Учеството на сите граѓани во пописот помага за подобар живот во земјата

Фото: МИА

Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, заедно со Јасмина Ѓоргиева, координаторката на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска остварија средба со претставници на повеќе етнички заедници во земјава на која разговараа и се информираа за претстојниот попис како најобемна статистичка операција, чии податоци ќе помогнат за креирање на политики важни на национално и глобално ниво.

На средбата, на која присуствуваа претставници на заедницата на Египќаните, Црногорците, Ерменците, Русите, Унгарците и Словенците во нашата земја, информираат од владината прес-служба, се отворија повеќе прашања во врска со процесот на попишувањето, кој во прва фаза веќе започна за дипломатите и нивните семејства во конзуларните претставништва, за граѓаните од дијаспората и лицата коишто се во служба на Армијата на РСМ во државата или странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и бездомните лица.

– Присутните учесници на денешната средба се согласија дека е од исклучителна важност статистичката операцијата попис на населението, домаќинствата и становите да биде успешно спроведена, притоа информирајќи се за одделни прашања поврзани конкретно со процедурата на попишувањето, за прашањата кои ќе бидат опфатени со пописот, информираат од Владата.

Притоа, додаваат, од страна на координаторот Алаѓозовски беше посочено дека спроведувањето на успешен попис е во насока на создавање на конкретни политики за успешно остварување на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година. Заедно со координаторката Ѓоргиева информираа дека се преземени мерки за успешно спроведување на статистичката операција на попишување податоци и дека се преземаат повеќе активности за исклучување на неправилности при попишувањето.

На средбата беше заклучено дека за успешноста на пописот неопходно е учество на сите граѓани, кои согласно своето лично убедување и надлежност ќе помогнат и ќе учествуваат при градењето на општество кое почива врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција, внатрешна кохезија, како и создавање политики за подинамичен економски раст и подобар живот за сите граѓани без исклучок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот