Актуелни уметнички случувања: „Нов светски поредок“ во Мала станица

Националната галерија е меѓу неколкуте избрани музеи и галерии во светот кои добија подарок од словенечката група уметници „Нов колективизам“.

Новата аквизиција на Националната галерија е постер наречен „Нов светски поредок“, инспириран од сегашната пандемија на коронавирусот. Словенечката уметничка група е со светски признати референци за нивното творештво, а составена од Дејан Кнез (Лајбах), Миран Мохар (ИРВИН), Дарко Покорн (Нов колективизам) и Роман Урањек (ИРВИН).

Постерот е создаден како одраз на тековните настани низ целиот свет, а потоа започнала серија виртуелни изложби на постерот во повеќе светски градови (Њујорк, Москва, Рим, Париз, Пекинг, Лондон, Берлин итн.). Делото е создадено на 25 март 2020 година и е дел од акцијата и вербата на словенечкиот „Нов колективизам“ дека тие како уметници, исто така, мора да бидат хроничари на едно време, а уметноста е вистинскиот медиум за искажување на критички став.

Дизајнот на плакатот „Нов светски поредок“ бил испратен на адресите на неколку светски музеи и галерии со кои тие соработуваат и чија работа ја почитуваат, со што се потврди довербата што оваа уметничка група ја препознава во успешното работење на Националната галерија, вклучувајќи ја преку проектот рамо до рамо со светски познати галерии и музеи. Публиката веќе има можност да го види постерот, кој е поставен на објектот Мала станица при Националната галерија.

Постерот „Нов светски поредок“ е поставен на објектот Мала станица

– Со ова дело, групата „Нов колективизам“ потврдува дека во рамките на култниот уметнички колектив НСК (Neue Slowenische Kunst) дизајнот бил и останува многу важен сегмент од нивниот визуелен идентитет. Нивното најпознато дело е контроверзниот постер за штафетата на Денот на младоста во 1987 година, кој ги донесе во центарот на настаните во поранешна Југославија. Со новата акција „Нов колективизам“ само ги продолжува уметничките реакции на тековните историски настани како што дејствуваат уште од 1984 година, кога се основани – потенцираат од Националната галерија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот