АКТУЕЛНА ИЗЛОЖБА: Нови модели на уметничко дејствување – позајми, пренамени и де-уметникувај

Македонската претставничка на 68. Биенале во Венеција, Нада Прља, во моментов е претставена со две изложби во Музејот на современата уметност во Скопје – на групната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и со самостојната „АдаН во градот на огнот“.

Авторката Нада Прља, со проектот „Субверзија во црвено“, беше македонски претставник на престижното Биенале во Венеција, што се одржа во текот на 2019 година. Крајот на годината го одбележа со поставување на самостојната изложба „АдаН во градот на огнот“, инсталација во која се инкорпорирани стрип, скулптура, цртежи, графити и дела позајмени од колекцијата на МСУ. Двете изложби содржат силна доза на субверзија во однос на уметничките практики и на „уметникувањето“ денес. Со проектот „Субверзија во црвено“, кој беше претставен во Венеција, таа предложи повторното читање и де/ре-конструкција на постулатите на марксистичката теорија и левичарската мисла, со цел да се пронајде нивната компатибилност со денешното општество.

Проектот „Субверзија во црвено“ од Венеција си дојде дома. Во која форма е поставен во рамките на изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ во МСУ во Скопје?

– На изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност во Скопје, проектот „Субверзија во црвено“ е претставен со три дела, од вкупните осум дела претставени во македонскиот павилјон во Венеција. Тие се „Црвена дискусија 2“ претставена со уметничкиот објект – маса на која се испишани зборови – идеи, кои беа напишани на површината на масата во текот на перформативната дискусија при отворањето на нашиот павилјон.

Вжештената дискусија помеѓу пет теоретичари на политиката и уметноста е прикажана во МСУ со документарен видеозапис од истата. Теоретичарите во оваа дискусија ги разгледуваа идните модули на живеење и работење, инспирирани од левичарската доктрина. Покрај „Црвена дискусија 2“, во МСУ се изложени и две скулптури „Колекција: таа си прави што сака 1 и 2“, како некој вид на сублимација на венецијанскиот проект. Првенствено, тие дела се избрани поради контекстуалното совпаѓање помеѓу проектот „Субверзија во црвено“ и изложбата „Сѐ што ни е заедничко“, која е подготвена од кураторките Мира Гаќина и Јованка Попова и на која ми е чест што учествувам.

„Црвена дискусија“ во Венеција (Фотографија: Раул Бети)

По шестмесечното изложување на Биеналето во Венеција, со какви импресии се вративте оттаму, какви беа реакциите на публиката што го посети македонскиот павилјон?

– Биеналето во Венеција е, без двоумење, најголем проект во кариерата на секој уметник. Покрај моето учество во седум други биеналиња – Манифеста (2010), Берлинското Биенале (2012), Московското биенале (филмска програма) (2013), Графичкото Биенале во Љубљана (2009) итн. Венецијанското Биенале е ангажман без преседан на „сите полиња“ за еден уметник. Во тој проект менаџерските, организационите, итн. способности на еден уметник се истакнуваат, за разлика од другите проекти, каде овие способности се пожелни, но не и неопходни. Финансиската конструкција на нашето изложување во Венеција е неспоредливо ниска со буџетите на останатите земји, но од моја гледна точка, како уметник, тоа е висока инвестиција за реализација на еден уметнички проект, поради што бев благодарна за селекцијата и сосема одговорно ја преземав улогата за потполна реализација на тој проект, без разлика на сите доспеани проблеми, кои во некои моменти изгледаа непремостиви.

Во Венеција, ние сме во нефер конкуренција со земји, како Франција, Австралија, итн. кои вложуваат милионски средства во реализацијата на проектите, но убавата страна за уметноста и ова претставување е дека постојат и моменти на магија – можност да се оствари тоа што не е можно (по некои реални параметри). Нашата изложба беше видена од околу 20.000 посетители, што е една од највисоките цифри за посетеност на павилјоните надвор од „Џардини“ и „Арсенале“ оваа година. Бројни рецензии беа напишани и објавени во различни земји – Америка, Скандинавија, Италија, Шпанија, итн. Книгата на импресии и бројните и-мејлови упатени кон нашиот павилјон беа уште едно сведоштво на квалитетот на мојот проект.

Изложбата беше од исклучителен интерес за интелектуалната и едукативната фела, бројни професори со своите студенти секојдневно го посетуваа павилјонот, поради тоа што понудивме елоквентна и интелектуална содржина, а не само визуелна „евтина“ сензација, што понекогаш е понудено од страна на некои павилјони. Поради сето ова на мојот и-мејл сѐ уште пристигнуваат семинарски и постдипломски дисертации напишани на тема „Субверзија во црвено“, што за еден уметник е најголема потврда за валидноста на самиот проект, којшто успева да комуницира со публиката.

Изложба „АдаН во градот на огнот“ во МСУ (Фотографија: Андријана Тилиќ)

Уште еден вид субверзија претставивте на самостојната изложба „АдаН во градот на огнот“, поставена, истотака, во МСУ. Со каква цел приказната во поставката е поместена во замислената 3030 година?

– Изложбата „АдаН во градот на огнот“, која е инспирирана од моето учество на Венецијанското Биенале, е едно набљудување на светот на уметноста денес и на светот во кој живееме. Ние, како „културњаци“, се бориме за сите еколошки прашања и термини поврзани со Глобалното затоплување и климатските промени, но не сме заинтересирани да ги смениме начините на нашето работење во рамките на реалната ситуација, која глобалните проблеми ја наметнуваат. На Биеналето во Венеција бев сведок на еден натпревар помеѓу земјите, каде не се штедеа средства да се постигне препознавање и успех, а овој свет на прекумерно трошење, искористување на природни материјали, сервиси, итн. ми се виде загрозувачки. Уметничката „индустрија“, за жал, не се разликува од која било друга индустрија (текстилна, дрвна, итн) која го загрозува овој свет. Поради тоа, сакав со изложбата „АдаН во градот на огнот“ да ги однесам посетителите во замислената 3030 година, каде ќе имаат можност од една нова перспектива да го согледаат начинот на кој ние, како уметници, создаваме денес.

Во оваа фикциона предлошка, новата цивилизација го гледа нашиот свет како ништожен и како самоуништувачки, и се решава да ја издвои уметничката практика на АдаН (мој псевдоним АдаН-Нада), како една од предводничките на новите форми за создавање во 2020 година. АдаН е измислен лик, уметник кој твори во 2020, пред наша цивилизацијата да биде сосема избришана, фиктивно на 20.02.2020 (изложбата трае до 20.02.2020, н.з.).

АдаН сугерира дека не можеме да продолжиме да создаваме уметност на начинот на кој ја создаваме денес, пред 2020, туку дека мора да изнајдеме нови начини на создавање. АдаН ги наведува начините низ четири стрип-епизоди, каде секоја е посветена на еден формат на создавање. Моделите кои АдаН ги предложува се: позајми, пренамени и де-уметникувај. „Позајми“ наведува на навраќање кон историските концепти, од теориски и политички до уметнички. Со други зборови, АдаН истакнува дека нема потреба секогаш одново да „го преизмислуваме тркалото“. Потоа, АдаН предложува „пренамена“, каде сугерира дека од 2020 година уметниците треба да престанат со користење на нови физички материјали во создавањето на уметноста, туку треба да искористат свои, веќе постоечки, уметнички дела, дела на дизајн, како и не-дела, објекти најдени по улиците и во природата, и да ги да пренаменат во своите нови уметнички дела.

Финално, АдаН сугерира „де-уметникувај“ – уметноста мора да го има карактерот каде ќе може да се пренамени. Дали е вистински битно делото да остане во првобитниот облик – како уметничко дело, кога ќе ја заврши својата функција како такво? Значи, уметници создавајте дела кои можат да се рециклираат и финално претворат во нешто друго, што е, секако, многу природно.

Со потреба критички да се осврнам кон работењето на уметниците денес (вклучувајќи ме и мене самата) и потребата да предложам нови модели на уметничко дејствување, посетителите ги носам во замислената 3030 година, со цел да се одвојат на спрегите на денешнината и со една исчистена визура да погледнат кон тоа што не обременува нас, како креативна индустрија, денес.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 12, во празничниот број на „Слободен печат“ на 4-7 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот