АКТО 2020: Солидарност и антифашизам во центарот на Прилеп

Јубилејното издание на фестивалот за современи уметности „Акто“ продолжи со изработка на мурал на фасадата на хотелот „Скопје“, спроти Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ во центарот на Прилеп.

Автор на муралот е Ристо Аврамовски во соработка со Владимир Милиќ, Филип Јовановски и Ненад Тонкин. Муралот е реализиран во продукција на „Факултет за работи што не се учат“ во соработка со ЦСЛУ (Центар за современи ликовни уметности) и Јавен простор – Прилеп.

Муралот во Прилеп е со наслов „Напред, без да се заборави нашата солидарност и антифашизам“ и реферира на „Песна за солидарноста“ од Бертолт Брехт. Симболично е поставен во близина на локација која е важна за антифашистичката борба.

Зградата во која е сместен Меморијалниот музеј е изградена на почетокот на 20 век. За време на фашистичката окупација (1941-1944 година) објектот бил претворен во бугарски полициски Участок, во кој била сместена окупаторската полиција. На 11 октомври 1941 година борците на Прилепскиот партизански одред извршиле вооружен напад врз Участокот и врз други објекти во градот, со што започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.

Со комплексна визуелна композиција, користејќи различни симболи важни за градот, муралот зборува за историјата на Прилеп од почетокот на револуцијата на 11-ти октомври 1941 година до денес. Муралот има за цел одново да повика на вредностите на солидарноста и антифашизмот, да го нагласи значењето на Прилеп како град херој, град од каде почнала антифашистичката борба, вредност која треба да не води напред во иднината, но, исто така, вредност која не треба да се заборави или избрише од нашата општествена меморија, потенцираат од „Акто“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 47, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот