Активни пожари на повеќе места, во Скопје запалена е мешана шума во атар на Катлановска бања и село Коњари

Фото: МИА

Се уште се активни пожарите во кумановско, во струмичкиот, битолскиот, штипскиот и скопскиот регион, објавија утринава од Центарот за управување со кризи. Во гаснење на пожарите активно интервенираат пожарникарите, а во одредени делови во гаснење на пожарот вклучени се и припадниците на АРСМ.

Според состојбата со активни пожари до денеска до 9:30 часот, пожарот кој започна на тромеѓето помеѓу селата Степанце, Жегљане и Малотино во општина Старо Нагоричане е се уште активен. Со пожарот е зафатена нискостеблеста шума, сува трева, црн бор, и багрем на поголема површина.

Во гаснењето на пожарот интервенирале девет пожарникари со две ПП возила од ТППЕ Старо Нагоричане, четири пожарникари со едно ПП возило од ТППЕ Куманово, четири пожарникари со едно ПП возило од ТППЕ Ранковце, 11 лица од ШС Куманово, три лица од месното население. Од утрото во гаснењето на пожарот бил вклучен и хеликоптер на АРСМ.

Поради ветерот пожарот е проширен на поголема површина. Хеликоптерот дејствувал до 12 часот, и во попладневните часови. Со пожарот се зафатени и неколку стари куќи. Пожарот е сеуште активен.
Што се однесува до пожарот во атар на селото Дренак, таму во повисокиот дел од селото со пожарот биле зафатени неколку стари напуштени куќи, опожарена е една црква и училиштето. Со пожарот е зафатена сува трева и ниска деградирана шума.

-Од 16 часот, активен е пожар во атар на селото Мургаш. Со пожарот е зафатена поголема површина на сува трева, нискостеблеста деградирана шума. Со пожарот биле зафатени и стари куќи во Мургаш. Причина за пожарите е силниот ветер кој направил спој на жици кои предизвикале повеќе пожари, информираат од РЦУК.

Во општина Липково пожарот во атар на селото Белановце е уште активен. Гори сува трева и дабова шума. Во гаснењето на пожарот интервенирале три лица од ШС од Куманово и 20 мештани. Според информацијата од ШС Куманово, се надеваат дека во текот на ноќта ќе го стават под контрола.

Во општина Крива Паланка во селото Варовиште е уште активен пожарот и е запалена сува трева, ниско стеблеста деградирана шума и дабова шума. Според информацијата од ПС Крива Паланка веќе се изгорени една куќа и една штала.

Во однос на Струмички регион, шумскиот пожар кој се појави околу завчера околу 13 часот кај м.в. Погана, општина Валандово е сеуште активен. Поради појава на засилен ветер од северен правец пожарот е проширен во правец на Богданци и Казан Дол. Во гаснењето на пожарот интервенирале екипи на ТППЕ Валандово, од ШС Саланџак и ДЗС Валандово.

Во Битолски регион, пожарот кој започнал од запалено стрниште во атарот на селото Канатларци, општина Прилеп сеуште е активен и е проширен во атарот на с.Мусинци, општина Могила.
Има зафатено поголема површина на сува трева. На терен интервенира екипа од двајца пожарникари со едно ПП возило од ТППЕ Прилеп и четири пожарникари со едно ПП возило од ТППЕ Битола како и поголем број на жители од селото со сопствени трактори. За настаната состојба известени се ДЗС Прилеп и СВР Прилеп како и ЕЛС Могила, ЕЛС Новаци, ДЗС Битола, ШС Кајмакчалан Битола и СВР Битола.

Во општина Прилеп пожарот во атарот на селот Ореовец е под контрола. На терен има екипа од три пожарникари со едно ПП возило кои ги обезбедуваат куќите од селото.
Пожарот на запалена сува трева и нискостеблеста шума во атарот на с.Топлица, општина Прилеп сеуште е активен и има зафатено голема површина. Во гаснењето интервенирале 8 пожарникари со 2 ПП возила.

Што се однесува до пожарот во близина на селото Нов Истевник мв Пасјак, општина Делчево, таму опожарена е шума од црн бор, јасика и бука на поголема површина.
Интервенираат од ТППЕ Делчево со две цистерни и едно теренско возило и 11 пожарникари а вклучени се и ШС Голак со 15 луѓе и 2 мв Лада Нива, Гранична полиција со еден човек и Ландровер со кој се транспортираат, ШС од Берово и ШС од Пехчево. Се работи за тешко пристапен терен.

Пожарот е активен и е проширен на територија на општина Берово и Пехчево. Во гаснењето на пожарот интервенираат и припадници на АРСМ. Според последните информации со пожарот е зафатена високостеблеста шума од поголеми размери.

Во општина Кочани активен е пожар кој беше предизвикан од паднат далекувод кај мв Костин Дол и истиот за кратко време се има проширено кон шумски предел и е надвор од контрола. За истиот е побарана интервенција од воздух. Во гаснењето на пожарот интервенирале 9 пожарникари со едно ПП возило од ТППЕ Виница, а направени се напори да бидат ангажирани сили на АРСМ и ДЗС. Според последните информации, пожарот е сеуште активен.

Во Скопски регион, запалена е мешана шума во атар на Катлановска бања кон селото Градманци и село Коњари.
Во гаснењето на пожарот интервенирале тројца пожарникари со едно ПП возило. Утрово екипа од тројца пожарникари со едно ПП возило е отидена во гаснење на пожарот кој сеуште е активен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот