Активни 12 486 случаи со ковид-19, во моментов има доволен број вакцини

Коронавирус во Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во моментов има доволно вакцини против ковид-19. Во текот на вчерашниот ден пристигнаа 110. 612 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“, информираше министерот за здравство, Венко Филипче. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје вчера се регистрирани 491 случај на коронавирусот. Оздравени се 416, а починати се 16 лица.

Вакцинацијата се одвива непречено, а заклучно со 21 септември на вакциналните пунктови во државата и на терен вакцинирани се вкупно 776 659 граѓани. Министерството за здравство информира дека во државата аплицирани се вкупно 1 474 507 дози вакцини, а ревакцинирани се 697 847 граѓани.

Согласно податоците, 55 проценти од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

– Националниот комитет за имунизација ги следи сите истражувања за новите вакцини меѓу кои е и вакцината на француската компанија „Санофи“, информираа за МИА од Министерството за здравство и додаваат дека во тек е набавка на вакцините против сезонски грип.

Лекарската комора вчера одржа неделна онлајн дискусија, на која се разменуваат искуства и знаења за превенција и третман на Ковид 19 меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем.

Д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри, на дискусијата истакна дека вирусот SARS-CoV-2 кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматична терапија. Но, таа посочи дека неопходно е секој случај внимателно да се следи и доколку се забележи влошување на здравствената состојба, да се направат дополнителни испитувања кои би укажале на посериозни синдроми и состојби, како што е мултисистемски инфламаторен синдром.

– Кај децата ковид-19 обично е благ и се лекува со симптоматична терапија. Но, ако состојбата се влошува и фебрилноста трае повеќе од три дена, треба да се размислува и за дополнителни испитувања, бидејќи во ретки случаи, децата можат да бидат сериозно погодени, а клиничките манифестации може да се разликуваат од возрасните. Во април 2020 година, извештаите од Обединетото Кралство документираа презентација кај деца слична на нецелосна Кавасаки болест или синдром на токсичен шок. Оттогаш, има извештаи за слично погодени деца во други делови на светот. Состојбата е наречена мултисистемски инфламаторен синдром кај деца, посочи проф. д-р Софијанова.

Таа посочи дека во однос на вакцинацијата дава целосна поддршка за вакцинација на деца над 12-годишна возраст, како и за тие кои имаат хронично заболување.

Пост-ковид состојбите според праксата покажуваат дека е зголемен број на деца со воспаление на слепо црево, зголемен број на случаи со јувенилен дијабетес, како и пораст на малигни заболувања, но, според д-р Софијанова сепак ќе треба дополнителни истражувања за да може да се потврди дали постои нивна поврзаност со Ковид 19.

Претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова истакна дека пост-ковид заболувањата се сериозен предизвик со кој допрва ќе треба справуваат пациентите, здравствените професионални и здравствениот систем.

Состојбата во училиштата е стабилна и се следи на дневно ниво, соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска. Според процените на Главниот координативен кризен штаб, засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата.

Царовска изјави дека во моментов не се потребни брзи тестови во училиштата, бидејќи не се препорачани од Комисијата за заразни болести.

– Не станува збор за желби и можности, туку за препораки од здравствените власти. Ако Комисијата за заразни болести утврдила протокол и постапување, сметам дека сите општини и сите училишта треба да ги почитуваат. Ако тие не препорачале тестирање, значи дека тоа нема додатна вредност во даден момент. Доколку тие утврдиле дека има потреба, тогаш ќе го спроведеме во сите училишта, но во моментов останува да се почитуваат препораките што се дадени, а тоа е да има дезинфекција, мерење температура и проветрување на просториите.

Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата на дневна основа, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Исто така, над 72 отсто од наставниот кадар е вакциниран, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.

На пунктот за вакцинација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вакцина примиле околу 70 лица. Д-р Ангела Димитриевска, дел од медицинскиот тим во пунктот истакна дека на почетокот немало интерес, но и студентите не биле доволно информирани

– Пратен е мејл до сите студенти и сега сите се известени. Досега имаме вакцинирано околу 70, во просек од 10 до 15 дневно, изјави Димитриевска.

Досега во земјата се направени вкупно 1 261 880 тестирање на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-19 дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на пандемијата изнесува 188 113 бројката на оздравени пациенти е 169 116, на починати е 6511, а бројот на активни случаи изнесува 12 486.

Извор: МИА

Видео на денот