Активни 10 819 ковид случаи, ревакцинирани 44 отсто од полнолетните граѓани

Коронавирус Вакцинација Македонија Борис Трајковски
Вакцинација во пунктот во СЦ „Борис Трајковски“ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 193 458, од кои во моментов активни се 10 819, откако вчера беа регистирани 406 нови случаи од вкупно направени 3149 тестирања.

Најголем број активни случаи има во Скопје и тоа 5217, а потоа следуваат Куманово со 961 и Тетово со 836. По четири активни случаи има во Демир Капија и Пехчево, а само еден во Дојран.

Од почетокот на епидемијата бројот на оздравени пациенти е 175 881, а на починати 6758.

Досега во земјата се направени вкупно 1 308 188 тестирања на ковид-19.

Надлежните аплираат граѓаните да ја искористат можноста и да се вакцинираат. Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, соопшти вчера Министерството за образование и наука.

Со одлука на Владата училиштата одржуваат онлајн-настава за оние ученици за кои родителите ќе го побараат тоа од медицински и од немедицински причини. МОН очекува дека со континуираната имунизација ќе се обезбеди дополнителна сигурност и услови за продолжување на наставата со физичко присуство.

Од понеделник треба да почне и најавениот скрининг на околу 8200 ученици во основните и средните училишта со цел да се добие податок дали има трансмисија на вирусот во училиштата. Тестирањето за присуство на ковид-19 со земање брис ќе биде по случаен избор на учениците од регистарот на Е-дневник и со согласност на нивните родители.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека е планирано скринингот да трае пет дена и дневно по околу 1600 деца да бидат тестирани во самите училишта од мобилни екипи.

Од ресорното Министерство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено. Заклучно со 5 октомври, вкупно се вакцинирани 792 174 граѓани, ревакцинирани се 740 822, а трета доза примиле 499 граѓани.

Ревакцинирани се 53 отсто од граѓаните над 40-годишна возраст, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години.

Низ земјава почна вакцинација и со трета доза. За почеток трета доза ќе примат здравствените работници, кои пред повеќе од шест месеци се ревакцинирани, а претстои вакцинација и на населението.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот