Aктивисти на „Fridays For Future“ од Скопје беа задржани од полицијата во Министерството за животна средина (ФОТО)

Попладнево активисти на скопскиот органок при глобалното движење за климатска правда „Fridays For Future“ организираа нова герила акција, овој пат пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Со себе понесоа црвена боја за да остават отпечатоци од своите дланки на прозорите на објектот, кои како што изјавија од органокот, ја симболизираат „Крвта на децата“.

ФОТО: Слободен печат / Драган Митрески
ФОТО: Слободен печат / Драган Митрески

За секоја практично проплукана крв од искашлување од рак на плуќа, за сите респираторни болести на новороденчиња. Поентата е да им укажеме на институциите дека практично е на нивна душа тоа што тие не го сметаат ова за толку сериозна работа колку што навистина е, а се работи за еколошка криза. На тој начин сакаме да им укажеме на тоа, за тие одвнатре да го видат тоа секој ден кога одат на работа, или барем додека стојат тие симболи. Делува малку морбидно, не морбидно, пресилно, нагласено, но сакаме да биде така затоа што го сметаме ова за руски рулет, кој што во секој момент тебе може да ти се погоди „куршум“ – изјавија од органокот за „Слободен печат“, непосредно пред реализирање на герилата.

ФОТО: Слободен печат / Драган Митрески
ФОТО: Слободен печат / Драган Митрески

Но, само што ја започнаа герилата, на активистите им пристапија лица од обезбедувањето на министерството и ги заклучија на самиот влез на институцијата, а неколку минути подоцна пристигнаа полициско комбе и полициско возило. Пет од повеќето активисти беа задржани околу еден час внатре во објектот, без да им биде овозможено да го напуштат истиот. Според тоа што го просведочивме таму, на активистите им биле земени и лични податоци. Четири од петте присутни беа ослободени, а петтата малолетна активистка беше спроведена во полициската станица „Беко“.


Пред МЖСПП пристигнаа и претставници од Хелсиншкиот комитет на кои не им беше дозволено да влезат внатре, а имаа приговори за начинот на кој активистите беа спроведени во самиот објект, како и на фактот што малолетно лице беше спроведено во полициска станица без придружба на родител или старател.

По половина час од спроведувањето на малолетната активиска во полициската станица „Беко“ пристигна и нејзин родител. Претставниците на Хелсиншкиот комитет повторно се обидоа да влезат во просторијата каде активистката и родителот даваа изјава, истакнувајќи дека неопходно е и присуство на социјален работник и адвокат, бидејќи станува збор за малолетно лице.

По еден час во станицата, малолетната активистка беше ослободена, а најверојатно, покрај неа, сите активисти ќе добијат прекршочна казна. Органокот „Fridays For Future“ неколку пати истакна дека за оваа герила била искористена боја која не е перманентна, па затоа сметаат дека не направиле никаков прекршок со отсликувањето црвени отпечатоци од дланките на објектот.

Органокот  „Fridays For Future“ се огласи на социјалните медиуми по денешниот настан:

„При реализирање на нашата протестна акција, обезбедувањето на Министерството за животна средина донесе арбитрарна одлука да нѐ задржи и да повика полиција, создавајќи непотребна тензија околу обичен креативен перформанс.

Нашата акција имаше цел да ја крене свеста за загадувањето и климатските промени не само кај јавноста туку и внатре во институцијата за животна средина. Наместо тоа се соочивме со нечовечки пристап кој само ја потврдува вистинитоста на пораката што сакавме да ја пренесеме. Поради една безопасна герила акција која укажуваше на индолентноста на властите околу проблемот со животната средина, нашите активисти беа предмет на вознемирување, заплашување и испрашување како да извршиле терористички, а не симболичен акт во интерес на општото добро.

Еколошкото движење во Македонија со години наназад протестира, а последнава година протестите се најмасовни до сега. Сепак, власта нема слух за нас, чијашто мисија е еколошка правда во Македонија. Затоа и се одлучивме на ваков чекор кој безбедносните структури непотребно го ескалираа.

Над 3600 луѓе, меѓу кои и деца, умираат годишно од рак. Овој број постојано се зголемува, а Властите не преземаат никакви мерки веќе со години. Поради ова, и покрај притисоците, ние немаме намера да отстапиме од нашата мисија.

Во целата оваа голгота денеска, по полициската демонстрација на моќ, на наше барање, Хелсиншкиот комитет дојде на лице место да ни понуди помош во остварувањето на нашите права. Благодарност до нив.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот