Актерката Сабина Мемиши со бурни импресии се врати од Сараево

Актерката Сабина Мемиши од Албанскиот театар во Скопје беше една од македонските учесници во Талент кампусот што се одржа во рамките на Сараевскиот филмски фестивал од 13 до 20 август годинава.

За можноста да учествува во кампусот сосема случајно дознала од нејзиниот пријател и режисер Сезер Салихи, кој ѝ дал поттик да се пријави, иако самата не верувала дека ќе биде избрана поради големата конкуренција. Сепак, го послушала, се пријавила, беше избрана меѓу младите таленти што учествуваа на обуката и од Сараево се врати со бурни импресии.

– Преубаво е чувството кога ти се признава работата надвор од својата земја. Тоа ти дава сила да работиш повеќе. Ова ми е едно од најдобрите искуства во мојата кариера. На часовите зборувавме за достоинството на актерската професија, за тоа колку е важно да се почитуваш себеси и својата професија. Ментор ни беше еден од најдобрите актери Ермин Браво и имав среќа да ја пробам сцената што ја работевме со него и да играм на англиски јазик во сцена од драмата „How I learned to drive“, што беше одлично искуство.

Темата на обуката беше храброста, а сите учесници имавме шанса да ги споделиме нашите приказни. Актерска сесија имавме и со актерката Јасна Ѓуричиќ, протагонист во филмот „Quo Vadis, Aida?“, која не советуваше секогаш да веруваме во себеси и никогаш да не се предаваме – објаснува Мемиши.

Сабина Мемиши со актерот Ермин Браво

Меѓу најубавите моменти во Сараево за неа биле можноста да присуствува на мастерклас со светски познатиот режисер Вим Вендерс, а како изненадување за учесниците на кампусот бил мастеркласот со Боно од групата „Ју-ту“ (U2).

Талент кампусот на Сараевскиот филмски фестивал е платформа за идните филмски професионалци од Југоисточна Европа и Јужен Кавказ, во која секоја година се одбираат 55-65 кандидати за интензивна петдневна програма, која се состои од повеќе различни работилници за режисери, актери, сценаристи, новинари и критичари, како и обука со некои од водечките светски филмски професионалци.

Дел од учесниците на Талент кампусот на Сараевскиот филмски фестивал

Македонски претставници во програмата „Таленти Сараево“ оваа година беа актерките Тамара Ристоска, Сара Анастасовска и Сабина Мемиши во сегментот „Acting studio“, Филип Мишов и Кристијан Фидановски беа дел од работилницата „Talent press“, додека режисерката Сандра Ѓоргиева учествуваше во „Pack & pitch“.

– Сараево и фестивалот за мене беа како една топла прегратка што никогаш нема да ја заборавам! – со воодушевување додава Мемиши.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот