Ако се сака, има решенија и за говорот на омраза и непочитувањето на човековите права во Бугарија и во Македонија. Ама, дали се сака?

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Политичарите се најголемиот дел од тековните проблеми помеѓу Македонија и Бугарија – истите политичари кои ги злоупотребуваат историјата, говорот на омраза и човековите права, притоа вешто глумејќи дека се дел од решението на проблемите, кои самите ги создаваат.

Говорот на омразата и човековите права се експертски теми, за кои политичарите, едноставно, не се доволно стручни да зборуваат – впрочем, како и за историјата.
Да, говорот на омраза е голем проблем помеѓу Бугарија и Македонија – многу е пишувано на таа тема последниве децении. Говорот на омраза стана уште поголем проблем откако политичките елити во Бугарија се обидоа партиски да ја злоупотребат историјата и да го искористат македонското прашање во политичките кампањи на последните неколку избори во Бугарија.

Добар дел од бугарските политичари и медиуми беа генератор на негативни стереотипи кон Македонија, ширеа дискриминаторски говор кон Македонија, Македонците, македонскиот јазик, македонската историја и култура, а неретко поттикнуваа и омраза кон Македонците, Македонија и се што е македонско. Исто така, добар дел од политичарите и медиумите во Македонија генерираа негативни стереотипи кон Бугарија и Бугарите или реагираа на говорот на омраза со говор на омраза, особено по бугарското вето кое го перципираа како непријателски чин, а не како израз на добрососедство.

Да, и непочитувањата на човековите права на Македонците во Бугарија и на македонските Бугари во Македонија, е исто така проблем, за кој експертите за човекови права може да понудат решенија. Има и конкретни пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои даваат јасни насоки како да се подобри состојбата со човекови права на Македонците во Бугарија и на македонските Бугари во Македонија.

Едноставно е, ако политичарите сакаат решенија на овие експертски проблеми, треба да повикаат експерти – и меѓународни и домашни – кои ќе работат на решавањето на проблемите со говорот на омразата и непочитувањето на човековите права во Бугарија и Македонија.

Меѓутоа, не гледам дека има искрена политичка волја во Бугарија и Македонија за решавање на споменативе проблеми, туку поскоро гледам обид за политизирање и на говорот на омраза и човековите права, исто како што бевме сведоци на политизирање на историјата кое доведе до тотална блокада на работата на комисијата за историски и образовни проблеми.

Ваквото нестручно мешање на политичарите во стручни теми како што се говорот на омраза, човековите и малцинските права, и историјата, не придонесува за добрососедски односи туку за продлабочување на проблемите – за понатамошно ширење на говорот на омраза, за натамошно непочитување на достоинството и човековите права, и за дополнителни политички и медиумски злоупотреби на историјата.

Накусо, политичарите се најголемиот дел од тековните проблеми помеѓу Македонија и Бугарија – истите политичари што ги злоупотребуваат историјата, говорот на омраза и човековите права, притоа вешто глумејќи дека се дел од решението на проблемите, кои самите ги создаваат.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот