Ако се намали бројот на агресивни кучиња на улиците, ќе се намали и бројот на каснати граѓани

кучиња
Бездомни кучиња / СП. архива

Речиси и да нема населба во Скопје во која дел од локалното население не стравува од глутници кучиња кои се шетаат низ улиците, парковите, детските игралишта…

И покрај бројните обиди од страна на надлежните институции, но и од  организациите посветени за заштита на животните, и покрај стотиците посвојувања направени од страна на хумани граѓани од земјава, но и од странство, сепак бројот на бездомни кучиња кои талкаат низ Скопје е огромен. Речиси и да нема населба во градот во која дел од локалното население не стравува од глутници кучиња кои се шетаат низ улиците, парковите, детските игралишта. За среќа, огромен број од кучињата скитници се мирни и не напаѓаат, но за жал постојат и агресивни кучиња кои претставуваат сериозна закана за случајните минувачи кога ќе се најдат во нивна непосредна близина. Причина за дополнителен страв кај дел од скопјани е и групирањето на бездомните кучиња. Според познавачите, токму глутниците на кучиња се проблем, иако и изолираните единки знаат да нападнат.

Во обид да се надмине или барем да се намали ваквиот проблем со бездомните кучиња, кои оправдано или помалку оправдано претставуваат причина за страв кај населението, од  ЈП „Лајка“ излегоа со апел до граѓаните да пријават доколку забележат глутница на кучиња или агресивно куче во нивна непосредна близина или во непосредна близина на местото на кое што живеат.

Доколку се соочувате со проблем од глутница кучиња или агресивно куче во вашето населено место, ве молиме пријавете на нашата електронска адреса [email protected], како би можела екипата на ЈП „Лајка“ да постапи на терен по вашата пријава. Вашата пријава потребно е да содржи фотографии или видео од кучето или глутницата од кучиња – информираат од ЈП „Лајка“.

Според информациите добиени од ова јавно претпријатије, во моментов во прифатилиштето има околу 70 кучиња кои се комплетно здрави и кои чекаат хумани граѓани да ги посвојат и на тој начин да им обезбедат топол дом, соодветни услови за живот и редовни оброци.

Во моментот во прифатилиштето на Лајка има околу 70 здрави единки кои го имаат поминато целиот хуман третман и за кои активно бараме дом. Доколку сте во можност и имате желба да вдомите куче испратете меил на [email protected]. Вдомувајќи бездомно куче од Лајка ќе добиете миленик кој за возврат ќе ви подари многу љубов и живот полн со забава – децидни се од ЈП „Лајка“.

Од ова јавно претпријатие во обид да им олеснат на новите сопственици на кучиња, на сите оние кои првпат се соочуваат со улогата дома или во двор да чуваат куче, но и за сите хумани граѓани кои сакаат да започнат да им даваат храна на кучињата кои на овие ниски температури се наоѓаат надвор и талкаат, излегоа со низа совети околу типот на храната и начинот на грижа која треба да им се пружи на животните.

Правилната и урамнотежeна исхрана е важна за среќен и здрав живот на вашето куче. Здравата исхрана кај кучињата е исклучително важна за нивната здравствена состојба бидејќи дел од здравствените проблеми може да произлезат токму од несоодветниот начин на исхрана. Во таа насока препорачуваме сува дехидрирана или влажна храна за кучиња. Секој производител на сува храна има пропишана таблица за дневно потребно количество на сува храна изразено во грамови. Ваквата храна за кучиња е најчесто на база на говедско, пилешко, јагнешко, зеленчук или риба. Количеството на храна кај кучињата на дневна основа зависи од неколку фактори: возраст на кучето, здравствена состојба на кучето и нивото на активност на кучето – објаснуваат надлежните од ова јавно претпријатие.

Според нив, во зависност од возраста и килажата на кучето, потребно е за кучиња до 4 месеци  да се даваат 4 до 5 помали оброци, за кучиња од 6 до 12 месеци  по 2 оброка на ден, а за кучиња над 12 месеци  по 1 или по 2 оброци на ден.

Покрај препораките за користење на посебна храна наменета за кучиња, некои сопственици се одлучуваат за готвена храна, па доколку се одлучите за овој начин на исхрана препорачуваме да одбегнувате многу зачинети и солени, запршки и мрсна храна, благи производи, особено чоколадо, пилешки коски, сувомеснати производи кои содржат многу конзерванси, јаткасти плодови, авокадо и др. Човечка храна која е безбедна за кучињат е морков, брокула, јаболко, бел ориз, риба, пилешко, варено јајце, путер од кикирики и др. Ако самите готвите за вашето куче, мора да обезбедите разновидна и урамнотежена исхрана. Кучешката храна, како што е сувата или влажната храна, веќе ги содржат сите важни хранливи материи кои му се потребни на секое куче на дневна основа – објаснуваат „Лајка“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот