Ако се може без сите, се може ли и без Артан Груби?

Артан Груби / Фото: Архива на „Слободен печат“

Одговорот на Ахмети за т.н. „Огнена група“ е недоволен и чекаат средба со лидерот очи в очи, па дури потоа ќе пресечат дали ќе се отцепат од ДУИ, ќе формираат нова партија или ќе дејствуваат како партиска фракција.

„Огнената група“ во ДУИ, зад која стојат Изет Меџити, Муса Џафери, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу, ја бара „главата“ на првиот вицепремиер Артан Груби, а не на шефот на дипломатијата Бујар Османи, како што им било понудено, и чекаат средба со лидерот Али Ахмети, брифираат за „Слободен печат“ извори од незадоволните интегративци.

Одговорот на Ахмети дека во ДУИ без сите се може, што се протолкува како знак дека лидерот застанал во одбрана на Груби, за нив е недоволен и чекаат средба со лидерот очи в очи за да го прашаат „ако се може без сите, се може ли и без Артан Груби?“. Од одговорот на Ахмети зависи дали и како „огнените“ ќе пресечат, а за своите следни чекори јавноста ќе ја информираат деновиве.

Тие не откриваат дали ако Ахмети не го смени Груби од министерската и од партиските функции генерален и организациски секретар, ќе се отцепат, односно ќе формираат нова партија или во ДУИ ќе дејствуваат како фракција.

– Прашањето до лидерот сега е: „Ќе може ли ДУИ без Артан Груби“. Во партијата мора да се развие демократија. Не може едни да носат изборни победи, а други да имаат функции и во партијата и во Владата, односно да бидат незаменливи. Чекаме одговор лидерот Ахмети да каже дали Артан и натаму ќе продолжи. Три години по конгресот не се избрани партиските тела, нема претседателство, нема смена на потпретседатели, а Груби, освен што е прв вицепремиер и министер за политички систем, во партијата е генерален и организациски секретар – вели член од „Огнената група“.

Османи: Веста за мојата смена е лажна

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја оцени како лажна објавената вест за негова смена и дека таа не заслужува никаков коментар. Според шпекулацијата, за да се смират страстите наводно било понудено Османи, а не Груби да биде сменет од министерската позиција. Неофицијално, „Огнената група“ добила понуда за смена на Османи.

За отвореното писмо од незадоволните, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.

– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна – изјави Османи.

Тој додаде дека внатрепартиските превирања нема да влијаат врз стабилноста на Владата, бидејќи ДУИ веќе 20 години е фактор на стабилност и дека така и ќе продолжи.

„ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните“, рече Османи.

Не е првпат незадоволните членови да бараат смена на Груби, но сега незадоволството го изразија преку отворено писмо, во кое бараат внатрепартиска дебата и Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. Засега нема одговор од Ахмети дали незадоволните ќе ги повика на средба и дали е подготвен да го смени Груби.

Првиот интегративец викендов порача дека ДУИ може да функционира без секого, бидејќи има стабилни структури.

„Без сомневање дека ДУИ има воспоставено стабилни структури што можат да функционираат без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити. Ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка. За 20 години има инвестирано во кадарот на партијата. Советот и Конгресот се функционални, за анархија нема место“, рече Ахмети.

Поддршка на „Огнената група“ вчера преку Фејсбук ѝ даде и Ракип Дочи, поранешен директор на скопски „Комуналец“.

„Никој нема право да се крие зад ликот на Али Ахмети, но тоа право го ужива Артан Груби“, вели Дочи.

Според него, за поразот на локалните избори во Тетово не е директно виновен лидерот, туку носителот на неуспехот е Груби. Тој вели дека ако тоа се толерира, утре може да се доживее пораз и во Скопје и пошироко, па оваа иницијатива е обид да се спаси ДУИ и конкретно неприкосновениот лидер Али Ахмети, вели Дочи.

Незадоволството трае речиси две години

Незадоволството на „Огнената група“ трае речиси две години. Меџити неколкупати досега го прозва Груби и побара Ахмети да ја деконцентрира моќта од првиот вицепремиер. Тој тогаш најави дека е можно да бара интерпелација за работата на министри на ДУИ. Откако Ахмети изјави дека недоразбирањата во партијата се надминати, Меџити даде оставка од местото координатор на пратеничката група. И тогаш и сега, бунтовниците укажуваат дека три години по Конгресот не е избрано партиското раководство, а ДУИ функционира со потпретседатели без мандат, односно Изет Меџити, Невзат Бејта, Теута Арифи и Садула Дураку се потпретседатели на партијата од претходниот конгрес. Наспроти нив, Груби доби двојни функции и во партијата и во Владата. Неизборот на најтесното раководство Ахмети тогаш го правдаше со ковид-пандемијата.

Нема одговор од „Огнената група“ зошто ова прашање не го отвориле на последното Централно претседателство што се одржа пред половина месец и зошто смената на Груби ја бараат преку јавно соопштение, а не преку партиските тела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот