Ако се докаже дека Вучиќ е вмешан во настаните во Косово, Србија ќе се соочи со санкции

Косово ја обвини Србија дека стои зад паравоената група која во неделата нападна полициска патрола и се судри со косовските сили при што загина еден косовски полицаец.
Властите во Приштина покажаа голем број на разно модерно оружје што го користела групата, вклучително и два оклопни автомобили од српско производство, како и фрлач на гранати, заедно со документ што наводно покажува дека фрлачот на гранати, произведен од Застава Армаментс, бил испорачан од српската армија, пишува британски Гардијан.
Косовската влада, исто така, тврдеше дека водачот на групата бил истакнат политичар од косовски Срби, лојален на српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека еден од тројцата паравоени борци убиени во неделата бил и поранешен телохранител на шефот на српската разузнавачка служба,Александар Вулин, кој се наоѓа на американската црна листа за корупција.

„Оваа група дојде од Србија, тие се обучени во Србија, финансирани и опремени од српската армија и нејзината полиција. „Дел од оружјето е одземено од армискиот магацин и предадено на терористите кои дојдоа на Косово од Србија“, изјави за Гардијан косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља.
Свечља информираше дека Министерство за внатрешни работи на Косово ги споделило доказите на западните амбасади и на западните разузнавачки агенции.
„Тие сакаа да ја окупираат територијата на Косово и да отворат нов канал за комуникација, нов пат од Србија до Косово“, рече тој и додаде дека крајната цел на оваа група била да се подели земјата.
Српската влада негираше вмешаност со вооружената група, но официјално прогласи Ден на жалост за тројцата загинати Срби.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се обиде да ги оправда нивните постапки со лажно тврдење, на средбата со рускиот амбасадор во Белград, дека косовската влада спроведува етничко чистење.
Косовската влада тврди дека групата била предводена од Милан Радоичиќ, заменик-претседател на партијата Српска листа поддржана од Белград, која доминира во политиката во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово.
Свечља рече дека косовската разузнавачка служба има наводи дека Радоичиќ, кој е санкциониран од САД и Велика Британија, е ранет и се опоравува во главната воена болница во Белград. Засега нема никаква официјална потврда за овие наводи.
Радоичиќ досега не се огласи во јавноста, но министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, тврдеше дека видеото на кое се гледа Радоичиќ меѓу припадниците на паравојската е „лажно“.
Најновиот судир на северот од Косово се случи во време кога преговорите со посредство на ЕУ за нормализација на односите меќу Белград и Приштина се во застој, при што Вучиќ вети дека никогаш нема да го признае Косово, а косовската влада одбива да воспостави полуавтономна асоцијација на српските општини.
САД ги поддржуваат преговорите и досега цврсто ја подржуваа ЕУ, согласувајќи се дека најголем дел од вината за неуспехот на преговорите е непопустливоста на косовскиот премиер Албин Курти. Но, администрацијата на Бајден ја истражува и вмешаноста на Белград во последните инциденти на Косово како и вмешаноста во оваа паравоена единица, како и откривање на нејзината вистинска мисија.
Доколку се утврди дека Вучиќ бил вмешан во овие инциденти , тоа би можело да го промени пристапот кон преговорите на САД и ЕУ, чии специјални претставници за преговорите, Лајчак и Ескобар, веќе беа критикувани дека се пристрасни кон Белград. Евентуалната вмешаност на Белград во инцидентот може да доведе и до меѓунарони санкции против Србија.
„Се појасно е дека имало сценарио за предизвикување конфликт за да влезе српската војска за да го заштити српскиот народ на север и на тој начин да ја изврши поделбата на Косово. Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија која Западот не може да ја толерира. Ваквата ситуација не ја испровоцира Курти, како што коментираат властите во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионализам“, изјави Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.
Во брифинг документ за ЕУ, косовската влада соопшти дека „група од десетици маскирани вооружени лица отвориле оган врз рутинска полициска патрола“ на 24 септември во селото Бањска во близина на границата со Србија.

Во судирите загинаа еден косовски полицаец, тројца членови на паравоена група, а неколкумина беа повредени. Српската група потоа се повлекла со оклопни автомобили во манастирот во близина на селото, и потоа дојде до жестоки вооружени судири. Пред косовската полиција да успее да ја преземе контролата врз манастирот, неколку лица од паравоената групи успеале да побегнат и да преминат во Србија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го осуди нападот врз косовската полиција:
„Сторителите на ова злосторство мора да одговараат преку транспарентен истражен процес“. Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било активности или реторика што може дополнително да ги подгрее тензиите“.
Блинкен повика на „враќање на дијалогот со посредство на ЕУ“.