Ако САД најдоа докази за Груби и за Беџети, можат и македонските институции

Груби,Агелер и Беџети Фото: Слободен печат

И покрај сомнежите за корупција за Груби и за судијата Беџети, кои ги потврди и надополнетата „црна листа“, досега во јавноста не е објавено дека Обвинителството води некаква постапка ниту за Груби ниту за судијата Беџети.

Американскиот Стејт департмент ги стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети за земање мито за да застари „масовното прислушување“, предмет во кој беше обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, но она што го очекуваат и граѓаните и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер е македонските институции да ги гонат оние што се најдоа на листата.

– Корупцијата, во каква и да е форма, не треба да се толерира во оваа земја. Оние што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот на Северна Македонија, треба да сфатат дека корупцијата има последици. Така, додека Соединетите Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, се надевам дека судството и структурите за спроведување на законот во оваа земја ќе го сторат истото. Граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку – порача амбасадорката Агелер.

Таа ги коментираше и реакциите на социјалните мрежи дека, иако САД ставија многу политичари на „црната листа“, нема обвиненија против никој од „зацрнетите“ политичари, па ги повика македонските институции да преземат мерки. Таа беше децидна дека доказите се тука, во македонските институции, и ако Вашингтон успеал да ги обезбеди, можат и македонските институции.

– Не мора ние да даваме докази или информации на тукашните институции. Доказите се достапни. Ако ние можеме да ги најдеме, можат и македонските институции. Имате Финансиска полиција, Финансиско разузнавање, Обвинителство, имате судии и мислам дека луѓето во оваа земја сакаат да видат резултати. Ние не можеме да ги контролираме властите што ќе направат. Но, очекуваме да има чекори во таа насока – рече Агелер.

ЈО може да постапува по допрен глас

И покрај сомнежите за корупција за Груби и за судијата Беџети, кои ги потврди и надополнетата „црна листа“, досега во јавноста не е објавено дека Обвинителството води некаква постапка ниту за Груби ниту за судијата Беџети. „Слободен печат“ прати прашања до Обвинителството дали против овие лица се води некаква постапка и како ќе постапува Обвинителството откако американската амбасада објави дека зеле мито.

Но, од Обвинителството не одговорија на нашите прашања.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ велат дека јавното обвинителство во секој момент може да отвори истрага по допрен глас доколку постои сомневање за сторено кривично дело.

– „Црната листа“ на САД е механизам што го користи американската влада за санкционирање поединци, организации или држави за кои е утврдено дека учествуваат во активности што се спротивни на националните интереси на САД, односно тоа е административна процедура која што се заснова на американските закони и важи во САД. Во конкретниот случај, јавното обвинителство во секој момент може да отвори истрага по допрен глас доколку постои сомневање за сторено кривично дело – велат од Коалицијата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека лицата што се нашле на „црната листа“ на САД, не треба да продолжат со редовни активности и ги повика јавните обвинители да постапуваат по допрен глас и за овие листи, кои се поткрепени со факти и докази.

– Постојат во меѓународните право и меѓусебните односи начини да се дојде до тие докази и да се почне постапка тука, бидејќи во спротивно ние не реагираме кога мора да реагираме и со тоа го толерираме беззаконието. Очекувам судот, јавниот обвинител да почне да постапува – изјави Давкова.

Таа дополнително како загрижувачки момент го истакна и тоа што на листата на САД се најде и името на судија од Македонија, бидејќи, како што рече, судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата. Според неа, треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види и како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции. Давкова вели дека најголемиот дел од вината лежи во двата најважни органи – Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, кои треба да бидат чуварот и филтерот на независноста на судството.

Беџети девет месеци го чувал предметот

Таа додаде дека не може да ги отповика членовите што претседателот ги номинирал во Судскиот совет, затоа што тие се избрани во Собранието. Според нејзините правни толкувања, Весна Дамева си дала оставка од претседателската функција бидејќи ѝ завршил мандатот како претседателка, иако имаше осум месеци прекин, кога незаконски беше сменета. Но, Сиљановска потенцираше дека тој што ја смени Дамева, споменувајќи го членот на Советот, Селим Адеми, сè уште седи во Советот, што според неа е недозволиво и очекува оставки од сите што не ја оправдале довербата кај граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека стратешките партнери и меѓународната заедница го потврдиле тоа што го зборувале во минатото.

– На ажурираната листа на санкции на САД се најдоа двајца граѓани од кај нас. Ги имате таму причините зошто се тие дел од оваа листа на санкции. Можам да кажам дека во периодот што следува уште многу потврди на сето она што сме го имале како сомневање, ќе излезат во јавноста и јавноста ќе биде запознаена – рече Мицкоски.

Уште во предизборната кампања, но и кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, главните сомнежи за криминал ги упатуваа кон Груби. Судијата Енвер Беџети, пак, стана познат во јавноста откако Дамева јавно кажа дека поради барањето одговорност и неунапредувањето на судијата Беџети ѝ беше извршен „пуч“ и беше сменета од претседателското место.

Сепак, Судскиот совет утврди дека Беџети, како судија известител, со месеци го чувал предметот „Таргет-тврдина“ во фиока. Официјално предметот „Таргет“, кој се однесува на масовното прислушување, застари поради скандалозните измени на Кривичниот законик, но Беџети претходно девет месеци го чувал во фиока, па хипотетички постоела можност тој да биде завршен пред изгласувањето на измените. И покрај ова, Судскиот совет му изрече само дисциплинска мерка и шест месеци добиваше 20 отсто помала плата. Потоа се кандидираше и за врховен судија, но не беше унапреден.

Апелација не се огласи по „црната листа“, а ДУИ и Груби порачаа дека ќе ја почитуваат одлуката на американскиот Стејт департмент.

Здружение на судии за Беџети: Сериозен удар за честа и угледот на судијата ставен на „црна листа“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот