Ако продолжите да „јадете бурек“, ќе снема леб

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Пратениците треба конечно да седнат, да ја баталат политиката и да сторат сѐ за полесно да се преброди долгата и тешка зима. Политичари, навистина направете нешто за економијата, освен што толку љубите да зборувате за неа.

Една стара мудрост вели „кој вечера со ѓаволот, треба да си понесе поголема лажица“. Ова може да се толкува на различни начини, ама од економски аспект ќе значи дека секој обид да се протурка некој проект, Владата ќе го плаќа со висока цена. Уште сега се гледа дека нема да биде лесно, бидејќи опозицијата ќе се обидува на секаков можен начин да ги стопира законите кои нема да ѝ се допаѓаат, без разлика дали тие се од суштинско значење за економијата.

Рецептот е испробан во изминатите четири години – поднесување илјадници несуштински амандмани и бесконечни расправи во матичните собраниски комисии. Сега, пак, надолго и нашироко ќе се расправа дали ќе имаме предвремени парламентарни избори, што за државава која е во страшна енергетска, економска и здравствена криза е ужасно одолговлекување и губење време.

И, што да прават обичните смртници, бизнисмени, учители, лекари, професионални возачи, додека парламентот си игра „има-нема“ кворум? Да седнат и да вртат со палците, додека пратениците се смилуваат да се состанат и да донесат некој нов пропис. Веќе не се знае колку закони беа заборавени заради изборите, а стаса и Буџетот за идната година. Дали ќе има кој да го донесе? Анкетата за перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието од минатата година покажа дека над 60 отсто од граѓаните се против блокирање или какво било одолговлекување на дебатите. Како тоа изгледаше во практика, се покажа и со носењето на законите од третиот антикризен пакет, кои влегоа во собраниска процедура уште во февруари, но поради големиот број опозициски амандмани, останаа заглавени сѐ до средината на април. Игрите без граници ги задоцнија февруарските и мартовските плати на илјадници работници. Предлогот за изменување и за дополнување на Законот за работните односи, со кој се дефинира дека недела е неработен ден, остана блокиран во Комисијата за труд и социјална политика поради процедурални забелешки. Ова законско решение, кое го очекуваа 92 отсто од работниците, требаше да почне да се применува од 1 октомври, ама го „фати“ изборната кампања.

Блокирани се и т.н. двотретински закони, како оној за парнична постапка, а таквата судбина ја делат и законите за фискална децентрализација, за трговски друштва, за изградба на патот Кичево-Охрид, за редовно вработување на наставниците. На усвојување чека и предлог-законот за продажба на земјоделското земјиште, кој предизвика огромна бура од негодувања, како и тој за шумите. Во ист кош се и измените на Законот за игри на среќа, чие донесување се одолговлекува повеќе од една година и со кој конечно се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата најмалку 500 метри. Да не ги заборавиме и предлог-законите за минерални суровини, за лекови, за јавни набавки, за изградбата на новиот клинички центар, за отпис на каматите и за репрограмирање на долговите на јавните претпријатија кон јавните органи итн. И тоа не е сѐ…

Пратениците треба конечно да седнат, да ја баталат политиката и да сторат сѐ за да се преброди полесно долгата и тешка зима. Оти навистина кризата, првенствено енергетска, е пред вратите. Веќе сега прескапо го плаќаме лошото менаџирање со енергетската политика, што ќе резултира со прескапа набавка на енергенсите. Да не ја заборавиме и пандемијата, за која и натаму се трошат огромни средства. За тоа колку и како македонската економија ќе ја преброди и оваа криза, многу работи ќе зависат од координираната соработка на сите институции. Нашата економија ја нема потребната мобилност на работната сила и капиталот, недоволна е диверзификацијата на производството и извозот, недоволен е степенот на развиеност на финансиските пазари и скромно е нивото на развиеност и потенцијалот за раст. Политичари, навистина направете нешто за економијата, освен што толку љубите да зборувате за неа.