Ако падне Шилегов, заминува и Заев!

Зоран Заев во Шуто Оризари
Зоран Заев, Локални избори 2021 / Фото: СДСМ

Оставката на премиерот нема да значи дека Собранието ќе распише предвремени парламентарни избори, туку само дека Заев заминува од Владата. Новиот премиер, кој ќе биде од СДСМ, ќе одлучи дали ќе остане истиот владин состав или ќе има смена на некои министри, вели за „Слободен печат“ висок владин функционер.

Ако владејачката СДСМ со коалицијата – вклучително и поддржувачите од владината коалиција – ги изгубат изборите за градоначалник на Скопје, тогаш лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе даде оставка од функцијата премиер, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на Владата. Но, тоа не значи дека автоматски ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори.

– Доколку во вториот изборен круг не победи актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Петре Шилегов, односно ако го изгубиме Скопје, тогаш Заев ќе поднесе оставка од премиерската функција. Тоа нема да значи дека Собранието ќе распише предвремени парламентарни избори, туку само дека Заев заминува од Владата. Оставката од премиерската функција ќе следи како чин на одговорност на премиерот за изгубените избори. Новиот премиер, кој ќе биде од СДСМ, ќе одлучи дали ќе остане истиот владин состав или ќе има смена на некои министри. Но, убедени сме дека ќе го добиеме Скопје во вториот изборен круг – вели функционерот.

Но, ако се реализира ова сценарио, тогаш најверојатно ќе треба да падне целата Влада, бидејќи во Уставот не е предвидена оставка само на премиерот. Во член 93 се вели: „Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието. Владата има право да поднесе оставка. Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада“.

Наши соговорници правници објаснуваат дека е можно да се оди на сценариото Заев да поднесе оставка од премиерската функција, но таа да не биде неотповиклива. Тоа значи мнозинството во Собранието да не ја прифати оставката и тој да остане премиер. Но, ако Заев поднесе неотповиклива оставка, тогаш паѓа целата влада.

Во таков случај се очекува опозицијата да поднесе до Собранието барање за распуштање на парламентот и за нови предвремени парламентарни избори. Но можно е мнозинството во Собранието да не изгласа распуштање на Собранието и со самото тоа да нема избори. Во таков случај претседателот на државата го дава мандатот на СДСМ, од каде што ќе биде назначен новиот мандатар за состав на влада, односно новиот премиер.

Лидерот на СДСМ вчера во обраќањето ја навести таа можност, но не откри детали на што точно мисли. Тој рече дека во вториот круг одат во четириесетина општини, меѓу кои и Скопје, град кој, како што нагласи, ја влече земјата напред.

– Јас и Владата предводена од мене не можеме да продолжиме ако градот Скопје и општините, урбани и рурални, назадуваат по сите основи – интеграции, едно општество за сите, модерната изградба… Не можам да водам влада што води во спротивен правец. Нема напредок ако Скопје продолжи назад. Затоа на 31 октомври нема избори само за решавање на комуналните проблеми, туку избори за тоа каде оди државата. Може ли таа да оди напред, ако во Скопје се вратат галии, жални врби и нов кичерај? Мојата влада, нашата влада, може да води напред само ако и Скопје влече напред – рече Заев.

Неговата најава за оставка може да се толкува и како апел за мобилизација на гласачите пред вториот изборен круг. Од ДУИ, владиниот партнер на СДСМ, нема коментар за намерата на премиерот и за позициите на партијата ако се случи тоа.

Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива по првиот изборен круг побараа Заев и Владата да поднесат оставки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот